Одлуката за зголемување на додатоците за членовите на Судскиот совет е незаконска и скандалозна, вели министерката за правда, Рената Дескоска.

„Интересни се случувањата во судскиот буџетски совет. Законски основ за давање на додатоци на плата има за судиите, но нема за членовите на Судскиот совет. Јавноста знае дека во ситуација кога сами си доделуваат додатоци кои не им следуваат тоа не е само скандал туку е и противзаконско однесување. Одлуката од 30.11 која се однесува на додатоци за плата на судиите е во ред, дека за да се донесе одлука за додатоци на плата во ноември за ноември е во ред, но она што изненадува е дека вчера без да се најави како точка на дневен ред и без јас да добијам покана како член на судскиот буџетски совет била ставена точка со која е донесена одлука за ретроактивна исплата за септември и октомври што според мое мислење е незаконски“, рече Дескоска.

Таа рече дека во јавноста се појавиле шпекулации дека мотивот за ваквата одлука е предизвикување на револт и на некој начин предизвикување на штрајк кај судската администрација која не добива додатоци на плата со цел да запрат судските процеси. Таа апелира до судската администрација да не потклекнува на вакви провокации.

„Друга шпекулација е прикривање на слични ситуации кога незаконски се давале додатоци и се исплаќале пари ретроактивно од минатата власт, па со ваквата одлука се ставаат во ист кош и претседателите на судовите кои треба да донесат слични одлуки за судиите ретроактивно, така што на некој начин да се легализира незаконското работење на минатата власт“, рече Дескоска.

Додаде дека за одлуката, која според неа е незаконска, мерки треба да преземат државните органи кои што ценат законитост за финансиско работење.

извор: Makfax