Министерката за правда, Рената Дескоска денеска учествува на сесија на Комитетот на министри кој го надгледува извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Напорите на Владата и на Министерството за правда во спречувањето тортура и несоодветен третман како и спречување на нивната неказнивост, беа признати од Комитетот со затворање на надзорот врз случајот „Ел-Масри“, и спуштање на нивото на надзор во случајот „Хајрулаху“.

Во случаите „Ел Масри“ и „Хајрулаху“, Судот во Стразбур утврди, меѓу другите и повреда на членот 3 од Конвенцјијата.

Во својот говор, министерката Дескоска ја нагласи посветеноста на Северна Македонија за почитување на човековите права, владеењето на правото и градење на демократијата.

„Со исполнување на сите обврски во случајот „Ел-Масри“ , испративме порака до сите европски држави дека нема толеранција за тортура и дека особено е значајно да се почитуваат правата -дури и во деликатни ситуации кога постои закана за тероризам или за безбедноста. Владата воспостави надворешни контролни механизми во согласност со пресудите на Европскиот суд за човекови права во случаите ‘Ел – Масри’ и ‘Хајрулаху’“,  истакна Дескоска.

Надзорната структура е воспоставена преку Посебното одделение за истраги на лица со полициски овластувања, како и надзор од Народниот правобранител и граѓанското општество. На крајот на дебатата, Комитетот донесе финална резолуција за затворање на случајот „Ел- Масри“ и спуштање на надзорот над имплементација над случајот „Хајрулаху“, за чие целосно затворање се потребни измени во Кривичниот законик.

извор: Makfax