Десет цивили ги загубија животите, а 30 се повредени во нападите извршени од ерменската армија врз цивилните населби во Азербејџан од почетокот на борбите во регионот на Нагорно Карабах пред два дена, изјави азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, пренесува ТАСС.

„Претрпевме жртви во изминатите два дена, вклучително и цивилни жртви. За жал, бројот на цивилните жртви се зголемува. Десет цивили се убиени, вклучително и пет члена од исто семејство, со две деца”, посочи Алиев.

Во заедничкото соопштение на Министерството за надворешни работи на Азербејџан и Главното обвинителство се потсетува дека ерменската Армија во периодот од 27 до 29 септември врши напади врз цивилните населби со тешко оружје, и дека 10 цивили ги загубиле животите во нападите, а 30 цивили се повредени.

Меѓу цивилите што го загубиле животот се и двајца ученици на возраст од 13 и 14 години.

На 27 септември, Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдепе дека вооружените сили на Азербејџан започнале офанзива во правец на Нагорно Карабах, гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.

Двете страни објавија жртви, вклучително и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата нејзина територија.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу планинскиот регион Нагорно Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година откако автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Во периодот 1992-1994 година, тензиите зовреа и ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии откако Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно Карабах траат од 1992 година под закрила на групата Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.

извор: Makfax