Десетта титула за Работнички Ф.
Најтрофејниот одбојкарски клуб во Македонија, Работнички Ф. се закити со десеттата куп титула откако во неизвесен натпревар, во Струмица, во големото финале, ја совлада екипата на Македонија-Џио со 3:1 (22:25, 25:19, 34:32, 33:31).
Струмичани покажаа дека се цврст орев за шампионот на кој му требаа цели два и пол часа да го скрши отпорот на одбојкарите на Македонија-Џио. За струмичани ова беше еден од најзначајните натпревари бидејќи прославуваа 35 години постоење на клубот Македонија-Џио.
И покрај тоа што се играше европска одбојка како што беше и најавено струмичани го освоија само првиот сет. Во вториот доминираа одбојкарите на Работнички Ф. кои полесно од очекуваното го решија во своја корист. Финалните два сета беа вистински пекол и за двата тима во кои се играше изедначено до самиот крај, а не беа доволни дваесет и пет поени за да се стигне до освојување на сетот. Двете екипи играа поен за поени каде пресудно за победата беше психолошката стабилност на одбојкарите.
-Публиката беше нивниот седми играч, но искуството кое го имаме од меѓународните натпревари се покажа како пресудно за победата. Квалитетот сепак беше на наша страна, а можам да кажам дека и Македонија-Џио е навистина добар тим, можеби најконкурентен во првенството, изјави Жарко Ритовски капитенот на скопјани.
Наредниот викенд почнуваат плеј-оф натпреварите за титулата, а првиот натпревар се игра во Скопје. За да ја одбрани титулата на Ф. Работнички ќе му требаат три победи.
Шпедитерките рекордерки
Титулата во женска конкуренција, во Купот на Македонија, ја освоија одбојкарките на Ф. Работнички совладувајќи ја екипата на Македонија Макс со 3:0 (25:18, 27:25, 25:19). Победата во Струмица, им ја донесе и рекордната единаесетта титула на скопјанки. Тие веќе две години по ред ги освојуваат двете титули, во купот и домашното првенство. Минатата недала го совладаа градскиот ривал Форца Волеј и ја освоја титулата во шампионатот.
-Ние сме доста квалитетна екипа и нашиот противник не беше квалитетен како во машкото финале, но се потруди да биде рамноправен. Го даде својот максимум, а квалитетот беше на наша страна што придонесе да ја освоиме 11-та титула, изјави Андријана Зафировска капитен на Ф. Работнички.