Негативните реакции во јавноста против јавното изрекување на смртна казна за десетмина обвинети во Кина ќе ги принуди кинеските власти да ги засилат забраните против ваквата прктика во иднина, пренесуваат светските медиуми.

Јавното судење и изрекувањето на смртни казни за десет лица на спортски стадион во Кина, го докажува очајот на кинеската влада, сметаат експертите.

Илјадници луѓе вклучувајќи униформирани ученици, се собраа на стадионот во јужниот кинески град Луфенг за да го сведочат јавното судење.

Кина официјално не дозволува судење во јавност и надвор од судница, но локалните власти и натаму ја спроведуваат својата брутална политика.

„И натаму постои разлика меѓу националните елити, кои се полиберални и сакаат реформи и локалните функционери кои сакаат строги казни и санкции“, објаснува професорката по право од универзитетот во Хонг Конг, Мишел Мијао.

„Локалните власти сé уште силно ги поддржуваат таквите јавни судења“, додава таа.

„Агресивната мерка е знак дека локалните власти се очајни и фрустрирани од неуспешната борба против криминалот и трговијата со дрога“, вели Мијао.

Инаку, ова јавно судење се одржа во област озлогласена поради производство на метамфетамини.

Мијао очекува властите во Пекинг да се обидат да ја запрат ваквата практика, под влијание на негативните реакци кои најновото судење го создаде во светската јавност.

Во врска со настанот, еден либерален кинески весник објави коментар со наслов: „Престанете да правите драми со изрекување јавни смртни казни“. Статијата е насочена против вонсудските казни и понижувањето на затворениците, а последниот случај го нарекува „голем срам за владеењето на правото“.

извор: Makfax