После максимумот на последните парламентарни, од околу 1 милион излезени гласачи, што падна веќе на локалните избори, сега постои опасност да не биде постигнат потребниот минимум од 40 проценти односно околу 720 илјади гласови на претседателските избори. Ова го тврди претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски.

– Со оглед на политичките случувања, очекувањата не се оптимистични и можно е да биде тешко. Во следниот период партиите ќе треба да се ангажираат здраво за да ги убедат гласачите во нивните програми, рече Деркоски во емисијата „Отворено на Алфа”.

Во врска со гласањето на дијаспората, според Деркоски, постои еден организациски проблем пред се. На пример, во 2016 година над 600 илјади евра се потрошени за организирање на гласање надвор, се пријавиле околу 20 илјади луѓе во дијаспората, а гласаа само околу 8 илјади. Парите пак неповратно се потрошени.

– Мора да се најде софтверско решение со кое ќе се заштеди и ќе се олесни гласањето надвор, оти меѓу другото тие треба да патуваат и по илјада километри за да стигнат до гласачкото место и да гласаат.

Инаку според Деркоски најслабата алка во реализацијата на изборите се самите Избирачки одбори, заради што дополнително ДИК ќе реализира нови обуки.

-Ќе предложиме до законодавецот измени на Изборниот законик со кои ќе предложиме и обични граѓани да бидат дел од Избирачките одбори, нагласува претседателот на ДИК.

Меѓу другото Деркоски објасни дека почнувајќи од следните парламентарни избори како пилот проект, граѓаните ќе можат со отисок од прст да се идентификуваат, и никој друг не ќе може да го злоупотреби нивното право.

-На првите наредни парламентарни избори ќе го воспоставиме овој пилот проект и ако помине како што треба, ќе стане стандардизиран принцип за борба против злоупотреба на правото на глас. Ќе нема повеќе можност за манипулација со записници и слично, туку се ќе биде електронски дефинирано, ќе се знае кој и дали излегол да гласа, рече Деркоски.

Тој смета дека треба да се задржи системот на непосредно бирање на претседателот на државата од граѓаните, а не да се смени системот со избор во Собрание, оти на тој начин шефот на државата ќе биде само уште една фигура избрана од македонските пратеници.