x

Денот кога Менш го растури Дортмунд 12:0, но ја изгуби титулата поради послаба гол-разлика (ВИДЕО)

Во рубриката ВРЕМЕПЛОВ се навраќаме во сезоната 1977/78 во Бундес лигата. Во последното коло Келн и Борусија Менхенгладбах влегуваат со ист број на бодови, по 46, со тоа што „јарците“ имаа подобра гол-разлика +40 наспрема +30 на Менхенгладбах, кој патем три сезони по ред e германски шампион.

Во последното коло, Келн на мегдан со Ст.Паули, додека Борусија Менхенгладбах во дуел со истоимениот тим на Дортмунд. Од Келн се очекуваше победа над тимот од Хамбург, додека за Менш мисијата е невозможна затоа што треба да го победи Дортмунд со преку 10 голови разлика.

Поради реконструкцијата на својот стадион Менш на 29 април 1978 година го одигра мечот со „милионерите“ на „Рајнштадион“ во Дизелдорф пред 38.000 публика. И го растури ривалот со 12:0! Резултат за историјата. Што се случи потоа?

ПОБЕДА ОД 12:0, ПЕТ ГОЛА НА ХЕЈНКЕС, ТИТУЛАТА ЗА КЕЛН

Менш ја наполни мрежата на „милионерите“. Поточно Јуп Хејнкес одигра брилијантно постигнувајќи пет голови (спука уште во првата минута), по два дадоа Карстен Нилсен и Карл Дел Хеје, по еден капитенот Вимер, Линен и Кулик.

Тренерот Удо Латек му одржа вистинска фудбалска лекција на колегата на спротивната страна Ото Рехагел. Играчите во жолто-црно беа толку потиштени (6:0 на полувреме) што во вториот дел немаа желба за фудбал и само стоеја на теренот.

Победата над 10 голови разлика е остварена, се чека уште резултатот од Келн (победата да не биде повеќе од еден гол). „Јарците“ го победија Ст.Паули но со 5:0. Па така Келн ја освои титулата пред Менхенгладбах поради подобрата гол-разлика (+45 наспроти +42).

Луд финиш на сезоната. Келн и Менхенгладбах завршија со идентични бодови, ист број на дадени голови (по 86, дваесет повеќе од третиот на листата на најефикасни).

ДЕБАКЛОТ МУ ЈА УНИШТИ КАРИЕРАТА НА ГОЛМАНОТ НА ДОРТМУНД

Ото Рехагел, човекот кој со Грција стана Европски првак во 2004 година, тогаш ја предводеше Борусија Дортмунд. Во последното коло тој одлучи да го стави меѓу диреците вториот голман Петер Ендрулат на местото на првиот чувар Хорст Бертрам кој само што заздравел од повредата. За Ендрулат мечот се претвори во кошмар кој ќе го следува и во наредните години.

„Можеби ќе беше подобро да побарам измена на полувреме. Ото го побара тоа од мене, но јас одбив. И Бертрам да застанеше на голот можеби ќе ги примеше тие шест гола во првото полувреме. Луѓето ги бројат само головите, а забораваат дека имав и многу спасени топки и спречив резултатот да биде повисок“, изјавил подоцна Ендрулат.

Тоа воедно бил последниот меч на Ендрулат во Бундес лигата. Договорот не му бил продолжен и следните три години ги поминал во второлигашот Тенис Борусија Берлин по што се пензионирал на 27 години.

ХЕЛД ОДБИЛ ДА ВЛЕЗЕ ВО ИГРА, БОРУСИЈА ГИ КАЗНИЛА ИГРАЧИТЕ

Како дополнување, при резултат 8:0 Рехагел побарал од Зигфрид Хелд да се спреми да влезе во игра, а овој одбил.

„Тренеру, зарем мислите дека моето влегување во игра ќе промени нешто?“.

Капитенот на „милионерите“ Манфред Бургсмилер изјави: „Знаете колку бевме среќни кога судијата свирна крај. Не можевме да издржиме повеќе. По мечот Ото ми кажа што следува. Знаеше дека после ова нема иднина за него во Борусија. Тоа и се случи“.

Борусија Дортмунд ги казнила играчите со 2000-2500 германски марки за очајниот настап.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата