Собранието на МАНУ на 3 декември 2019 година усвои Повелба за македонскиот јазик во која ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на Академијата во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки. Повелбата беше реакција на имплицитните ставови на бугарскот Парламент кој на 10 октомври 2019 усвои декларација во врска со официјалниот јазик на Република Северна Македонија, како и историјата по 1944 година.

Повелбата, како што соопшти МАНУ, ги зацврстува ставовите на Академијата за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела.

– На тој начин, МАНУ ја истакнува својата определба дека најдобра заштита на македонскиот јазик е создавање услови за остварување на неговата улога на значаен фактор на општествената и културната интеграција во државата. Тоа е единствено можно преку систематско и координирано научно проучување и обработка на македонскиот јазик на сите нивоа, како во домашни, така и во меѓународни рамки, се вели во соопштението.

Повелбата за македонскиот јазик, се додава во соопштението, ја истакнува законската и статутарната обврска на МАНУ да ја остварува координативната и обединувачка улога во однос на приоритетните и фундаменталните научни истражувања на македонскиот јазик со другите научноистражувачки и високообразовни установи.

Во бугарската декларација од 10 октомври 2019 е наведено дека бугарскиот парламент е против препишувањето и присвојувањето на историјата по 1944 година, што е меѓу столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам.

До властите во Македонија во декларацијата се посочени неколку точки, како услови на бугарската страна. Меѓу нив е спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година кое треба да се случи ефикасно, без одлагање и со добра волја. Понатаму, властите во земјава да се придржуваат до, како што е наведено во декларацијата, објективните, автентичните и историските извори засновани на докази за научно толкување на историските настани. Од македонските власти се бара „да се ​​воздржат од дејствија што се однесуваат на обиди за поддршка и поттикнување на тврдења за признавање на т.н. ‘македонско малцинство’ во Бугарија, вклучително и во меѓународни организации како што е Советот на Европа и мултилатерални формати“.

„Строго да се придржуваат до клаузулата утврдена и ратификувана од страна на парламентите на двете земји во врска со официјалниот јазик на Република Северна Македонија; Целосно спроведување на договорите постигнати во рамките на Заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни работи, рефлектирајќи ги во наставните планови и материјали што е можно поскоро; Запрете ги сите форми на „говор на омраза“ против Бугарија и граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, вклучително и во медиумите, натписите на спомениците, плакетите и многу повеќе. Да се ​​помогне во потрагата, реставрацијата и зачувувањето на бугарските воени споменици и гробишта на територијата на Република Северна Македонија во духот на европските вредности“, е наведено во декларацијата што ја усвоија бугарските пратеници.