Трендот на нови случаи со Ковид-19, чиј број вчера изнесуваше 20, а завчера 36, ќе биде разгледуван денеска на состанок на Комисијата за заразни болести, по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за натамошно постапување во однос на воведените мерки за заштита од ширење на коронавирусот и според тоа, ќе се знае дали ќе има нивно олеснување.

Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во државава од почетокот на епидемијата, досега, изнесува 1.642, бројката на оздравени пациенти е 1.136, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 415.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку два метра и задолжително да се носи заштитна опрема за лице во случај кога просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното.

Ресорниот министер Венко Филипче на последната прес-конференција рече дека резултатите од тестирањата за Ковид-19 ќе ги анализираат на состаноците и на Комисијата за заразни болести и на централниот штаб на Владата, по што ќе се знае како точно ќе се димензионираат натамошните мерки и кои дејности прво ќе почнат да функционираат со цел постепено отворање на економијата.

Тие што организираат едукации, курсеви, автошколите би биле тие кои ќе бидат први, кои ќе почнат да функционираат согласно предлозите. Сите кои лесно можат да воспостават ред, дистанца, дезинфекција, носење маски, и тие кои можа да воспостават шалтерски систем ќе имаат приоритет, рече Филипче.

Во врска со олабавување на мерките за спортистите, истакна дека се размислува да се дозволат индивидуалните спортови, но како сето тоа понатаму ќе се одвива ќе се знае по состаноците.