Денеска официјално истекува рокот за трошење на домашната платежна картичка на оние граѓани што ги исполнија условите од оваа мерка што беше дел од третиот пакет-мерки на Владата за поддршка на економијата, а воведен поради корона-кризата.

Банките имаа рок да ги издадат до 18 јули, а граѓаните може да ги искористат најдоцна до денеска, додека вчера беше последниот работен ден за нивно подигнување за оние кои се уште ги немаа превземено од банките. 

Заклучно со 7 август, според податоците кои ги добивме од Министерството за финансии, биле подигнати 310.121 платежни картички, што е за 5.188 повеќе во однос на стартот на месецот, во вкупен износ од 27.106.094 евра. На подигнатите картички за трошење има уште неколку милиони евра.

За домашна платежна картичка беа впишани над 324 илјади граѓани, во четири категории.  Заедно со прифатените приговори имаше 333.697 корисници вкупно заведени во Министерството за финансии.

До сега ја искористиле 116.268 невработени во износ од 1,046 милијарди денари, како и 109.363 граѓани со низок приход во вредност од 328 милиони денари. Ја подигнале и 80.451 млади лица на чија сметка имало 241,3 милиони денари и 4.039 медицински лица со 51,2 милиони денари.

Антикризната мерка имаше за цел да се пуштат во оптек поголема количина средства во економијата со купување домашни производи и услуги, заради поддршка на потрошувачката за време на стагнацијата предизвикана од коронавирусот.

Картичките ги издаваа девет банки, а тоа го почнаа од почетокот на јуни. Некои од нив ги испраќаа до домашна адреса, а дел ги информираа граѓаните кога им е изготвена картичката за во одреден ден во одредена локација да отидат и да ја подигнат, со цел да не се создава метеж во експозитурите и да се заштити здравјето на граѓаите и на вработените. 

Според последните податоци, најголемиот дел од нив се трошеа по маркетите, а најголема еднократна помош – 9.000 денари добија социјалните категории и невработени што се активни баратели на работа и кои остваруваат низок доход.

извор-фактор мк