Бројот на повредени во судирите пред зградата на украинската Врховна рада во понеделникот, се искачи ан 125 лица, додека еден човек загина, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков.

-Едно лице загина, 125 се повредени, лекарите во моментот оперираат 12 луќе, а еден човек е во длабока кома. Лекарите одбиваат да соопштат какви било прогнози за состојбата на уште петмина, напиша Аваков на Фејсбук, а пренесе агенцијата Тасс.

Меѓу повредените е и заменикот на украинското Министерство за внатрешни работи Василиј Паскал, новинари на украинските телевизии “5 Канал” и “1+1”, како и еден француски дописник.

Повеќе од 3000 луѓе кои се противат на амандманите на украискиот устав се собраа во понеделникот пред Врховната рада во времето кога пратениците ги разгледуваа амандманите кои имаат за цел децентрализација на власта во Украина.

Судирите меѓу припадниците на полицијата и учесниците на митингот избувнаа откако пратениците во прво читање го усвоија внесувањето на амандманите во Уставот.

Според извештаите на медиумите, демонстрантите, меѓу кои беа најактивните следбеници на партијата Слобода, врз полицијата фрлале чадни бомби, експлозивни направи и камења, додека полицајците одговориле со солзавец.

Противниците на амандманите, со кои се предвидува посебен закон за уредување на специфичностите на остварувањето на локалната самоуправа во одредени реони во Доњецката и Луганската област на истокот од земјата, сметаат дека пратениците ќе “ја легализираат автономијата на окупираните територии на Донбас, ќе ги амнестираат терористите и ќе им дадат целосна власт”.

Аваков за насилството ја обвини партијата Слобода и нејзиниот лидер Олег Тјагнибок.

Украинското државно обвинителство веднаш покрена обвинение против повеќе лица за убиство и обид за убиство на припадник на полицијата за време на вршење должност, закана со насилство и чин на насилство врз полицајци, групно кршење на јавниот ред и масовни протести, соопшти канцеларијата на Обвинителството.