Во “Кале” се случи нов празник на ракометот, во кој актери беа македонскиот шампион Кометал Ѓ Петров и актуелниот европски првак, данскиот Слагелсе. Во досега најдобро прикажаната партија откако се натпреварува во Лигата на шампионите, нашиот првак на славниот и богат дански тим во сите 60 минути му одржа лекција по модерен ракомет, го демолира во фер и спортска игра, а на крајот и го понижи, совладувајќи го со 20:12 (9:4). Ваков исход, веројатно, никој од присутените над 2.500 гледачи во “Кале” не очекуваше, а уште помалку данскиот елитен состав, предводен од темпераментната тренерка Ања Андерсон, која целиот натпревар го мина на нозе, во гестикулирање и на моменти расправии со судиите, но ништо не им помогна. Едноставно, гранитната одбрана на Кометал Ѓ Петров беше несовладлива за ракометарките од светски калибар, како што беа во тимот на Слагелсе, Фридрикаш, Савиќ, Петровиќ, Лунгу… Еуфоријата Кометал Ѓ Петров ја почна уште од самиот почеток, кога со фуриозна игра до 13. минута славната Легангер дури петпати капитулираше и нашиот првак поведе со 5:0, а Данките дури во 13,31 мин. првпат ја погодија мрежата на извонредно расположената Борисенко. Таа беше вистински бедем за Слагелсе, ги неутрализираше и оние удари што сите ги гледаа во нејзината мрежа и е една од најзаслужните за ваквиот многу поволен исход за нашиот првак. Веројатно, и Ања Андерсон и Слагелсе не паметат кога за 30 минути постигнале четири голови! Еуфоријата и серијата голови и, пред се, прекрасна игра го красеше и во вториот дел нашиот шампион. Индира пак одигра за чиста “десетка”, а беше реализатор на “петка” во мрежата на Легенгер, исто како и против Лада. Итрата и луцидна Озел стрелаше како со снајпер, но успешно ја изврши поставената задача да игра “фластер” над опасната Бојана Петровиќ, која постигна само еден гол. Бујанова успешно ги организираше нашите напади, а Платон покрај големата борбеност во одбраната, беше успешна во реализациите и во нападот… Се на се, “Кале” се “запали” едноставно од ваквата еуфорична игра на нашиот првак. Последните секудни од натпреварот само ја зголемија еуфоријата кај гледачите, кога, по прекрасното проигрување на Кастратовиќ кон Озел, а оваа со “цепелин”, со големо чувство, испрати удар со “сув лист”, топката како цела вечност да патуваше кон мрежата на Легангер, која се направи да ја фати, но таа постојано и бегаше… По ова настана вистинска ерупција во “Кале”, ѓорчепетровки, заедно со спонзорот Трифун Костовски го одиграа македонското оро, а публиката 15-тина минути откако заврши натпреварот се уште беше во транс, и не ја напушташе салата…


ФОТО: В. Перковски