Дел Пјеро го кажа судбоносното “да”
Алесандро и Соња Капитенот на репрезентацијата на Италија и на Јувентус, Алесандро дел Пјеро во неделата наутро тајно се ожени со долгогодишната придружничка Соња Аморузо. Дел Пјеро судбоносното “да” со Соња Аморузо, сестра на екс- дефанзивецот на Јуве Никола, го кажа во црквичката “Сан Грато” во парохијата Монгрено недалеку од Торино. Ѕвездата на “старата дама” официјализирањето на седумгодишната врска, од кои последните три години ги минаа под ист кров, го направи на најтаинствен начин и во присуство на 12 луѓе. На свечената церемонија присуствуваа родителите и братот на Соња, мајката на Алесандро и неговиот брат Стефано со семејството. На венчавката немаше ниеден претставник на Јувентус. “Церемонијата беше многу скромна и интимна. Дел Пјеро беше исклучително конспиративен и ја сочува тајната за денот и местото на свадбата. Во спротивно илјадници љубопитни луѓе ќе дојдеа во нашето место и ќе предизвикаа вистински хаос”, откри еден свештеник од црквата. Прославата со 12 гости продолжила во еден луксузен ресторан во близина на Торино, а “медениот месец” брачната двојка Дел Пјеро ќе го мине во Полинезија. Новите младенци се запознале во 1998 година во еден бутик за облека каде Соња работела како продавачка. Од 2002 година тие живеат заедно, а Алесандро во знак на љубов на својата нова сопруга и купил ексклузивен бутик во центарот на Торино на улицата “Џолити”.