Предците на главниот обвинител на Хашкиот трибунал Карла дел Понте живееле во Задар, пред да се отселат во Швајцарија, пишува загрепскиот неделник Глобус.

На семејството на Дел Понте, наводно и припаѓа и летниковец изграден на преодот од 16 и 17 век во местото Мали Лукоран, на островот Угљан. Според неделникот, семејството чие презиме изворно е Де Понте по заминувањето од Задар се населило во Италија и во Швајцарија, пренесува МИА. Таквата теорија по извршеното долгогодишно истражување е на Енерик Пера, пензиониран инженер за електроника од Лукоран. Неговата теорија не предизвикала особено внимание меѓу мештаните, кои напоменуваат дека за островот се дознало откако таму куќа купил Бранимир Главаш, обвинет за воени злосторства над Србите во Осијек 1991 година. Камената вила на фамилијата Де Понте се наоѓа веднаш до морето и има околу 150 квадрати. Дел од вилата уште пред 25 години ја купил брачниот пар Верхар од Швајцарија. – Пред да купиме дел од куќата, се обидовме да дојдеме до пишани податоци за тоа семејство, но не успеавме да дознаеме дали се работи за предците на хашката обвинителка – појаснуваат Верхарови, додавајќи дека Дел Понте во италијанскиот кантон, во кој тие живеат, кај мнозинството мештани не котира баш високо.