Пратеникот на Лабуристичката парија Хилари Бен во понеделникот ги претстави деталите од повеќепартискиот предлог-закон за спречување на брегзит без договор.

„Целта на предлог-законот е да се погрижиме Британија да не ја напушти Европската Унија на 31 октомври без договор, освен ако парламентот не се согласи“, напиша пратеникот на „Твитер“.

Ако не се постигне договор со ЕУ, или ако парламентот не одобри брегзит без договор до 19 октомври, тогаш премиерот мора да испрати писмо до претседателот на Европскиот совет, барајќи продолжување на Членот 50 до 31 јнуари 2020 година, додаде Бен.

Предлог-законот има поддршка од повеќе партии, чии пратеници веруваат дека последиците од брегзитот без договор врз економијата и земјата би биле многу сериозни, рече тој.

Ветувањето на Џонсон да ја извади земјата од Европската унија на 31 октомври со или без договор, ја доведе Велика Британија до уставна криза и битка со 27те други членки на блокот.

Опозициските пратеници кои се во алијанса со бунтовниците во Конзервативната партија на Џонсон заговараат да ја преземат контролата врз парламентот и да ѝ ги врзат рацете на владата со законодавство што ќе блокира излез од блокот без договор.

Џонсон ги предупреди бунтовниците дека доколку гласаат против владата, ќе бидат избркани од неговата Конзервативна партија.

извор: Makfax