Фолклорната група и оркестар при Центарот за култура „Никола Јонков-Вапцаров” од Делчево годинава ќе учествува на меѓународни фестивали во Турција, Босна и Херцеговина, Словенија и Италија.

Според директорот на Центарот за култура „Никола Јонков -Вапцаров” Љупчо Петровски овие настапи ќе значат одлична можност за промоција на македонскиот фолклор.

Тој додаде дека подготовките за настапот на фестивалот во Измир, Турција се почнати, а фестивалот ќе се одржи од 19 до 27 април.

Со поддршка на Министерството за култура, како што рече, годинава ќе се реализираат проекти од областа на музичко-сценската дејност. Меѓу проектите се „Голачките фолклорни средби”, проектот за работа на женската пејачка група „Ѓурга” и ФГ „Вапцаров”, проектот со кој се планира откупување на автентични рачни изработки од Пијанец и проектот „141 година Разловечко востание”.

Во 2017 година ќе се реализира и „Ревија на хорови и оркестри”, а засега е договорен и настапот на ансамблот „Танец”.