Делегација на Владата предводена од министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој го придружуваа министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан и заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, денеска положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател на нашата земја Киро Глигоров, во алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Денеска се навршуваат 8 години од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија, кој имаше исклучителна улога во процесот на политичкото осамостојување на земјата и нејзиното меѓународно признавање.

Делегација на СДСМ во состав Коста Петров, потпретседател на СДСМ, Магдалена Несторовска од Форумот на жени на СДСМ и Горан Герасимовски, претседател на ОО СДСМ Центар положи цвеќе и оддаде почит на Глигоров, денеска, на 8-годишнината од неговата смрт.

„СДСМ, како и граѓаните на Република Северна Македонија со почит ги вреднува заложбите и придонесот на претседателот Глигоров за нашата земја, кој изгради мостови на соработка и заедништво како внатре во општеството, така и во светот и со тоа го зацрта патот на интеграција и развој, кој и денес со гордост го одиме.Во интерес на иднината на граѓаните и на државата, СДСМ останува определена да ги негува и спроведува вредностите што претседателот Глигоров ги остави зад себе“, се вели во соопштението.

извор: Makfax