Со сигурност може да се каже дека најскапите недвижнини во Србија се во белградските елитни квартови Дедиње и Сењак, каде сопствениците за некои куќи и вили бараат дури девет милиони евра. Милионски износи, но значително помали, се бараат и за некои раскошни куќи во центарот на Нови Сад или на Палиќкото Езеро. На цена се и луксузни станови во централната зона на српската престолнина опремени со базени, сауни, хелиодроми… кои се продаваат за 1,5 милион евра.

Куќата на Дедиње која нејзиниот сопственик ја продава за 9,3 милиони евра, се чини дека во моментов е најскапа недвижнина на бившите ЈУ простори, која ги надминува дури и астрономските цени во Дубровник. На пример, луксузната трикатница во стариот дел на градот, што ја таксала Опра Винфри, се продава “само” за пет милиони долари. Сепак, треба да се каже дека белградската вила рекордер има 2.000 квадрати и плац од 20 декари.

Во агенцијата за недвижности “Амбасадор М” во Белград која се занимава со продажба на ексклузивен станбен простор велат дека на Дедиње веќе продале една куќа за шест милиони, а во фаза на продажба се и една вила за 7,9 и плац од 66 декари за осум милиони евра.