Девизните резерви на Македонија ќе пораснат за 16,5 милиони долари. Комитетот за распределба на финансискиот имот утврден во анексот “Ц” од Виенската спогодба за сукцесија на вчерашниот состанок во Љубљана постигна согласност за распределба на парите од депозитите што некогашната СФРЈ ги имала депонирано кај странските комерцијални банки. Се работи за вкупно 221 милион американски долари што се наоѓаат во околу 20-тина банки во Европа и во неколку банки во Кина. Според клучот за поделба на финансискиот имот, Македонија ќе добие 7,5 отсто од овие средства или 16,5 милиони американски долари.
“Парите ќе станат оперативни кога ќе завршат сите формалности околу нивното префрлање на сметките на сите земји-наследнички на имотот на некогашната заедничка држава. Се очекува тоа да се случи на почетокот на октомври. Средствата ќе легнат на сметката на Народната банка на Македонија за пополнување на девизните резерви на земјава”, изјави вчера за “Вечер”, Душанка Христова, претставник на Македонија во финансискиот комитет и висок претставник во Постојниот заеднички комитет за сукцесија, која ја предводеше нашата делегација во Љубљана.
Покрај распределбата на депозитите кај странски комецијални банки, на состанокот на Комитетот беа и тековни прашања за побарувањата и обврските кај одредени комерцијални и мешовити банки и нерешените клириншки побарувања и обврски. Како што вели Христова, решавањето на овие отворени прашања ќе продолжи на состанокот што во септември ќе се одржи во Белград. Прва точка на дневен ред ќе биде решавање на прашањето со преостанатиот клириншки долг, а дневниот ред сигурно ќе биде проширен бидејќи земјите-сукцесори во Љубљана се договориле до крајот на месецов да ги кандидираат сите прашања за кои би се дискутирало во Белград.


Веcна М. БОЖИНОВСКА