Македонија лани во трговската размена со странство остварила дефицит од 1,18 милијарди долари. Во создавањето на дефицитот најголемо влијание имале увозот на суровата нафта и маслата за што било потрошено 395,76 милиони долари. За увоз на струја, државата лани платила 70,04 милиони долари, а за моторни возила – 96,08 милиони долари. Иако земјава е голем извозник на лимови и преработки од железо, сепак во 2005 година биле увезени вакви производи во вредност од 157,31 милион долари. Економските експерти сметаат дека трговскиот дефицит може да се намали само ако произведуваме стоки што како готови производи ќе ги пласираме во странство. Посебно внимание, велат тие, треба да се посвети во текстилната индустрија каде во последниве години го извезуваме трудот само преку лон-производите. Во структурата на вкупниот увоз кој лани достигнал 3,23 милијарди долари, речиси една четвртина, односно 23,6 проценти се увезени од Русија и Германија во вредност од 759,38 милиони долари. Од СЦГ и Словенија, лани биле увезени стоки во вредност од 392,19 милиони долари, што е 12,2 проценти од вкупниот увоз. “Со земјите членки на Европската Унија имаме најголема трговска размена од над 2,55 милијарди долари. Речиси милијарда долари е размената со земјите од поранеш на СФРЈ. Со земјите од Централна и Источна Европа и државите на поранешниот Советски сојуз, сме размениле стоки во вредност од 960 милиони долари”, велат во Министерството за економија. Во Стопанската комора очекуваат дека трговскиот дефицит ќе се намали со потпишувањето на новиот договор за слободна трговија што треба да се случи во 2008 година. “Нашата трговија пред се се реализира на билатерални договори што земјава ги има склучено со одредени држави каде размената на стоки е без или со намалена царина. Размената на стоките со земјите од ЕУ е врз основа на Спогодбата за асоцијација и стабилизација. Очекуваме новиот договор за слободна трговија да ни помогне да го кумулираме потеклото на стоките од земјите од регионот”, нагласуваат од Комората. Статистиките на Министерството за економија велат дека Македонија лани во странство извезла стоки во вредност од 2,04 милијарди долари и тоа најмногу во Србија и Црна Гора дури 459,54 милиони што е 22,5 проценти од вкупниот извоз. Во Германија, Грција и Италија имаме извезено 846,55 милиони долари што е 41,7 проценти од извозот. Во трговската размена со странство суфицит од 132 милиони долари ни носат производите од прехранбената индустрија (пијалаци и тутун), како и други готови производи во вредност од 338 милиони долари. Од нив, најмногу извезуваме топловалани производи од железо со вредност од 127,75 милиони долари, потоа различни текстилни производи – 376,25 милиони евра, фероникел – 106,98 милиони долари и други производи како што се лекови и вино во вредност од 72, 48 милиони долари. Од податоците може да се забележи дека земјава својот извоз го базира на три столба – аграр, текстил и на црната и обоената металургија. Во Стопанската комора велат дека извозот на Македонија пред се зависи од темпото на преструктурирање на фирмите во земјава. “Во обоената металургија, посебно во производството на феросилициум и фероникел извозот се зголеми откако влезе странски капитал. Во аграрот тешко оди менувањето на сопственичките односи и затоа овој сектор не ги дава потребните извозни резултати, иако имаме големи потенцијали во земјоделието”, велат во Комората.


Светлана БЛАЖЕВСКА