Сметката на “Тиквеш” Кавадарци, конечно, е деблокирана откако вчера менаџерскиот тим на оваа компанија ги уплати 80-те милиони денари или околу 1,5 милиони евра на име на првата рата од заостанатиот долг кон државата. Ова вчера го потврдија од Кабинетот на министерот за финансии Никола Поповски, со што се исполнија очекувањата на првиот финансиер во земјава дека првите луѓе на “Тиквеш” ќе го уплатат договорениот износ во текот на вчерашниот ден и тоа во кеш.
“Постигнат е начелен договор средствата од долгот “Тиквеш” да ги плати во наредниов период”, изјави вчера Поповски и додава дека се непотребно изгубени неколку месеци, бидејќи повторно се ќе се заврши како што претходно било договорено со уплаќање на парите во готово. “Заедно со главнината од долгот под истите услови ќе биде вратена и каматата, односно во две или три рати, од кои првата ќе биде повеќе од половината и ќе биде платена веднаш во готово, а другите до крајот на годинава”, истакна Поповски.
Менаџментот на ВВ “Тиквеш” вчера потврди дека ја уплатиле споменатата сума пари и дека и натаму ќе постапуваат согласно договорот што го потпишаа со министерството за финансии. Тие, исто така, ни потврдија дека вчера е симната блокадата од сметката, и најголемата винарска визба веќе ќе може да работи нормално. (В.М.Б.)