Наплатата на Данокот на додадена вредност лани ја спаси државната каса. Само во последниот квартал од минатата година, наплатата по основ на овој данок е зголемена за 25 отсто, со што се надополнети сите останати даночни давачки што го полнат Буџетот, а кои во 2004 година не се реализирани според проектираното. Кај преостанатите даноци, односно кај персоналниот данок и данокот на добивка како и кај акцизата, минатата година е регистрирано потфрлување од она што било зацртано да се реализира. Ова вчера го соопшти првиот човек на Републичката управа за јавни приходи, Петра Митева, која потенцира дека исклучително добрата наплата на ДДВ-то се должи на кампањата “Вложи во својата иднина, побарај фискална сметка”. Таа нагласи дека заклучно со декември минатата година по основ на повратот на ДДВ државата на фирмите им должи незначителна сума или само 160 милиони денари, додека, пак, УЈП од фирмите има побарување од дури 8 милијарди денари. Лани според податоците на Управата за јавни приходи драстично е зголемена и наплатата на данокот на имот или од 20 отсто во 2003, регистрирана е наплата од дури 80 отсто, што ќе има исклучителни позитивни ефекти во процесот на фискалната децентрализација, која треба да започне од средината на годинава. “Со ваквите показатели може да се констатира дека е направено скромно, но, сепак, натфрлање на даночните приходи во Буџетот за 0,93 отсто или вкупно исполнување на Буџетот во однос на 2003 година е 108,5 отсто”, вели Митева. Преку УЈП наплатени се даночни приходи од 46,16 милијарди денари или 70 отсто од вкупниот Буџет на државата. “Во борбата против организираниот криминал и неплаќањето на даноците нема да отстапиме дури и по цена во него да се вклучени и наши луѓе од Управата”, вели Митева и додава дека заклучно со ноември минатата година поднесени се 333 кривични пријави и 1.980 прекршочни или 2,5 пати повеќе во однос на 2003 година, а неодамна пет вработени од кумановската Управа за јавни приходи се суспендирани од работа. Во оваа насока првиот човек на Републичката УЈП вчера најави дека наскоро во јавноста ќе излезат со стоте најголеми затајувачи и стоте најголеми плаќачи на данокот во земјава и ваквото обелоденување на нивните имиња ќе биде практика на управата и во наредниот период. РАМЧЕ: НАСЛОВ: Митева не е задоволна со фискализацијата Минатата година во земјава се фискализирани 14.120 субјекти или 41,70 отсто. Со тоа вкупниот број на фискализирани апарати на територијата на целава држава, заклучно со крајот на 2004 година изнесува 33.871. Најголем број фискализирани апарати се во Скопје или 12.177, потоа следуваат Битола, Штип, Тетово, Прилеп, додека најмал број фискализирани апрати се регистрирани во Струмица, или само 3.111. “Јас лично не сум задоволна со фискализацијата и даночната дисциплина и во наредниот период ќе работиме на подобрување на состојбите на ова поле. Фискализацијата е процес кој не е завршен и кој во континуитет ќе се одвива и понатаму “, вели Митева. Што се однесува до фискализацијата на таксистите се очекува овој процес да се заврши во првата половина од годинава, со тоа што таксистите ќе добијат фискални таксиметри и ќе мораат да издаваат фискална сметка по секоја извршена услуга, без оглед на тоа колку километри се изминати. Во текот на годинава, даночните инспектори од УЈП сериозно ќе се зафатат и со останатите даночни обврзници кои не се фискализирани, а обавуваат дејност и против нив ќе бидат преземени најостри законски мерки и санкции, се со цел да се елиминира остварувањето на црниот приход, истакна вчера Митева.


Весна М.БОЖИНОВСКА