По барање на публиката, на 15 и 16 мај, во „Јавна соба“, со почеток во 19 часот, ќе се одиграат две претстави на „Чиста хероина“ според текстот на „Лична Ангелина“ („Чувари на честа“) на Загорка Поп-Антоска-Андовска, а во режија на Ѓорѓи Ризески.

„Лична Ангелина (Чувари на честа)“ е драма која е напишана во стих, со архаичен говор близок на епската песна „Болен Дојчин“, а се случува во митско време и го следи веќе воспоставениот однос на Болен Дојчин и сестра му, Лична Ангелина. Режисерското читање на Ѓорѓи Ризески го отфрла митското време и дејството го сместува во сегашноста, во една брачна соба на потпокривот и својот режисерски фокус го гради врз првата сцена во која Лична Ангелина ја отфрла искрената љубов на Црна Арапина, а со тоа и идејата дека светот може да биде помирен.

Ликовите на Болен Дојчин, Умер Бичакчија, Митре Поморјаче и Павле Плетикоса драматуршки се споени и ги толкува Марко Илиќ, а ликот на Лична Ангелина – Надица Петрова. Оригинална музика за претставата работеше Александар Андовски. Музички соработник е Викторија Чочороска. Костимот и сценографијата се потпишани колективно. Продуцант на претставата е Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“, популарно познат како ДАСТА академија.

извор: Makfax