Двајца белгиски извршни директори се соочуваат со можни затворски казни поради извоз на хемикалии во Сирија, пренесува „Спутник“.

Информациите за случајот се појавија во април кога медиумите објавија дека три фламански компании (AAE Chemie, ANEX и Danmar Logistics) биле изнесени пред судот во Антверпен поради извоз на 96 тони изопропанол во Сирија, спротивно на санкциите на ЕУ воведени во 2013 година.

Судот во Антверпен ги обврзал компаниите да извадат специјални извозни дозволи за оваа одредена супстанција за да им бидат дозволени испораките во земјите од Блискиот Исток.

Трите компании велат дека го извезувале производот во Сирија повеќе од 10 години, истакнувајќи дека царинската испостава, која го контролирала извозот во Сирија, никогаш не им кажала дека нешто не е во ред со нивните пратки.

Белгиското Министерство за финансии, кое ги надгледува царините, потоа понуди финансиско порамнување на компаниите. Сепак, тие одбија да го прифатат. Царината, пак, се бранела со тоа дека документот за извоз не бил правилно пополнет од страна на компаниите, и почна истрага за контроверзните пратки.

Обвинителите побарале од судот да ги казни компаниите со по 750.000 евра (854.000 долари) и да ги казни директорите на двете компании со 18 месеци затвор.

Пресудата во случајот се очекува да биде донесена кон крајот на јануари. Изопропанолот  може да се користи за производство на хемиско оружје.

извор: Makfax