Воздушниот сообраќај на двата скопски аеродроми и покрај штрајкот на водухопловните техничари вчера се одвиваше нормално и сите најавени полетувања и слетувања се реализирани. Четириесетина воздухопловни техничари вчера го започнаа најавениот штрајк, со кој бараат зголемување на платите, подобрување на условите за работа и почитување на европските стандарди на работење, како и запирање на нетранспарентниот процес на трансформација на Управата за цивилна воздушна пловидба. На најавената средба меѓу премиерот и првиот човек на министерството за транспорт и врски, министерот Џемали Мехази го запознал Бучковски со проблемот на воздухопловците, посочувајќи му решенија за овој проблем. Потоа, Мехази и директорот на Управата за ЦВП, Илир Мехмеди ги известиле штрајкувачите дека нивното барање за зголемување на платите ќе биде разгледувано на владината седница в понеделник, на која ќе бидат дефинирани и изворите од каде дополнително ќе се бараат пари. На штрајкувачите им било посочено дека се изработува студија во која ќе биде решено нивното барање за обезбедување мерки за заштита при работа, а дополнително ќе се преиспитува законската регулатива околу барањето за осигурување на техничарите. Барањето за смена на менаџментот на УЦВП е оценето како неаргументирано, поради добрите финансиски резултати што ги покажува оваа управа. (С. Бл.)