Да се стопира градбата на Водно?!
“Мала Богородица” ќе мора веднаш да ги запре градежните активности што летово ги започна на потегот под некогашниот хотел “Панорама”. Ова го препорачуваат инженерите од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во своето мислење што вчера го доставија до јавноста. Експертското мислење е направено по барање на турската компанија “Универзал Хоспитал Груп” која неодамна на местото на “Панорама” почна со изградба на новата болница.
ИЗИИС утврдил дека е нарушена стабилноста на ископот длабок 10 до 12 метри под објектот на некогашниот хотел, а што го врши “Мала Богородица”. Од Институтот препорачуваат да се запрат сите натамошни активности поради реална можност земјата под објектот да слизне, бидејќи е на само осум до десет метри оддалеченост од објектот, со што ќе биде загрозена стабилноста и темелењето на новата болница.
Исто така, од ИЗИИС бараат “Мала Богородица” да преземе мерки за санација на нарушената стабилност на падината. Според нивно мислење, ако не се започнеше со градежните ископи под хотелот, стабилноста на падината ќе овозможела безбедна изградба на болницата.
“Мала Богородица” на овој простор планира да изгради девет резиденцијални објекти.
Светлана БЛАЖЕВСКА