“Најавената вредност од 300 до 400 милиони евра, што Владата ја очекува од продажбата на ЕСМ, е смешна. Само хидроцентралите и дистрибутивната мрежа вредат околу две милијарди долари, а годишниот профит од ХЕЦ е 50 милиони евра”, рече Атанаско Туневски, професор на Машинскиот факултет во Скопје и член на Комисијата за жалби на одлуките на Регулаторната комисија за енергетика на вчерашната прес-конференција ма ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласи дека може да се приватизираат максимум 30 отсто од ЕСМ, но минимум 51 процент мора да остане во државна сопственост.” Не треба да брзаме со продажбата на ЕСМ пред другите земји во регионот. Може да се приватизираат 20, 30 или 40 отсто, но никако над 51 процент”, напомена Туневски. ВМРО-ДПМНЕ не е против предвидената продажба на македонското електростопанство, но смета дека Владата тоа го прави нетранспарентно и прифаќа неадекватни суми. Туневски посочи дека не смее да се размислува за приватизација на хидорцентралите. “Хидроцентралите се најпрофитабилни стопански објекти и производни капацитети што временски и технолошки не застаруваат. Соседните држави воопшто не размислуваат за нивна продажба, а некаде дури и со закон е забранета приватизацијата на ХЕЦ”, истакна Туневски. Според него, шесте големи ХЕЦ во ЕСМ се ревитализирани со кредит од Светска банка вреден 60 милиони долари и се во одлична состојба или практично нови. (МИА)