Да се обезбеди постојан приход
За да профункционираат регионалните депонии што ќе се изградат во земјава по затворањето на дивите места за фрлање отпад, треба да се направи систем за наплата и финансирање на нивното работење. За да профункционира ова мора да се обезбеди сигурен и постојан приход, а тоа ќе се овозможи со создавање услови за влез на приватен капитал. Ова е заклучок од вчерашната втора, од серијата четири работилници што ги организира Министерството за животна средина и просторно планирање, а се посветени на создавањето “Национален план за управување со отпад”.
Според Југослав Јовановиќ од Министерството за животна средина, финансирањето на собирањето на сметот во земјите од ЕУ е во вид на паушал што се наплатува по домаќинство или по член на семејство, додека производителите на комерцијален или индустриски отпад, плаќаат според волуменот или тежината на отпадот. Во земјава, пак, наплата и собирање на таксите за користење на системот за управување со отпад (ѓубретарина) е многу низок и варира од место на место.
Главните пречки во регионализацијата на управувањето со отпадот, како што беше речено на вчерашната работилница, се непостоење на национална политика за овој проблем, недоволна свест кај носителите на одлуките и кај јавноста за приоритетите, како и непостоење на инспекција и казнени мерки за количеството на создаден отпад. Беа прозвани и градоначалниците, дека не сакаат новите локации за регионални депонии да бидат на нивна територија, поради што, како што беше речено, треба да им бидат дадени некакви гаранции од страна на државата. Како стимулација, операторот на депонијата ќе може за себе да задржи дел од надоместокот ако тоа му го одобриле властите за животна средина. Ако, пак, операторот не успее да го спроведе планот што го предложил, ќе мора да ги врати парите од наплатата на надоместокот. (С. Бл.)