Сојузот на синдикатите на Македонија доставил иницијатива до Собранието да се укине член од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со кој ја укинува можноста државата да им ги плаќа придонесите на работниците кои останале без работа, а притоа работеле по 39 години. Според ССМ, овие работници за старосна пензија треба да чекаат по пет или шест години, без никаков надомест. Според старите законски решенија, на работниците кои ќе останат без работа им се плаќале придонесите до пензионирање. Од ССМ велат дека поради старите законски решенија, многу работници особено од градежништвото доброволно дале отказ на работните места и се пријавиле во Агенцијата за вработување. Павел Трендафилов, претседател на синдикатот за градежништво вели дека со законот се исправува неправдата кон работниците кои добиле отказ, а немале ни 15 години работен стаж. “За прв пат тие добиваат паричен надомест. Но, со овие измени се нанесува голема неправда кон работниците на кои им престанува правото да им се плаќаат придонеси”, вели Трендафилов. Од ССМ барат Собранието итно в понеделник да ги разгледува овие законски измени, со оглед на тоа што е при крај со работата поради изборите. (А.Се)