Вие добивте датум затоа што Бугарија го поддржа тоа. Без Бугарија немаше да добиете датум. Бугарската позиција е јасна, јасно се напишани условите што мора да се исполнат за Бугарија да продолжи да ја поддржува Македонија во сите фази на пристапниот процес. Сите одлуки во процесот на пристапување се донесуваат едногласно, клучна е позицијата на секоја земја-членка, вели бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, член на владејачката партија ГЕРБ, во интервју за мкд.мк.

Тој со ова ги разјансува дилемите и различните толкувања дали изјавата на Бугарија е услов што мора да се исполни на патот на земјава кон ЕУ.

Пред неколку дена МКД.мк објави дека Бугарија ја уценува Македонија:

Македонија ќе мора да заборави на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, ќе мора да заборави на „македoнски јазик“ и да употребува само „службен јазик на РСМ“, ќе мора брзо да ја заврши работата со експертската комисија за историските прашања… ако сака да продолжи со преговорите за интеграција со ЕУ. Ова се само делови од Изјавата на Бугарија во врска со усвојувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за проширување – објави порталот.

Во денешното пак инервју, Ковачев подвлекува: Во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања.

Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев… Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја, вели бугарскиот европарламентарец.

Тој не употребува „македонски јазик“, туку вели: Врз основа на еден од бугарските дијалекти, денешниот официјален јазик на Република Северна Македонија е кодифициран.

Бугарската позиција е јасна, јасно се напишани условите што мора да се исполнат за Бугарија да продолжи да ја поддржува Македонија во пристапниот процес (усвојувањето на рамката за преговори, решенијата за отворање и затворање на секое од 35-те поглавја на преговорите…), па сѐ до конечното ратификување на идниот договор за членство на Македонија во ЕУ од бугарскиот парламент. Не е случајно тоа што во заклучоците на Советот на Европа од 24 март се наведува дека добрососедските односи и исполнувањето на договорите со Бугарија и Грција се критериум за следење на текот на преговорите за членство, вели Ковачев.

Андреј Ковачев во ова интервју потврди се она што подолго време се зборува во јавноста и на кое постојано потсетува ВМРО-ДПМНЕ, а кое СДСМ се обидува да го релативизира.