Данските политичари ги сметаат извештаите дека американскиот претседател Доналд Трамп покажува интерес за купување на Гренланд – автономна данска територија – за незамислива шега, напишаа поранешни членови на данската влада на своите официјални страници на „Твитер“, пренесува ТАСС.

„Мора да е првоаприлска шега, но во сосем погрешно време!“ напиша поранешниот премиер Ларс Локе Расмусен.

„Трамп го купува Гренланд? Се надевам ова е шега зашто во спротивно е ужасна мисла што носи ризик од милитаризација на Гренланд и помала независност за неговите граѓани покрај големата загуба за Данска“, истакна поранешниот шеф на дипломатија, Мартин Лигедар.

Властите во Копенхаген го сметаат овој проект за неразумен и незводлив.

„Ако е точно дека тој (Доналд Трамп) работи на оваа идеја, ова е конечен доказ дека полудел. Би рекол дека самата идеја дека Данска да може да им продаде 50. 000 свои државјани на САД е апсолутно луда“, изјави Сорен Есперсен, пратеник на десничарската Данска народна партија, за весникот „Јиландс постен“.

Трамп на почетокот на септември планира да го реализира своето првото патување во Данска, за кое се вели дека нема врска со неговата најнова идеја. Американската амбасада во Гренланд не даде никакви коментари по ова прашање, но поранешниот амбасадор Руфус Гифорд ја нарече идејата „целосна и тотална катастрофа“.

„Волстрит журнал“ во четвртокот објави дека Трамп, кој ќе престојува во официјална посета на Данска на 2-3 септември, изразил интерес пред своите помошници за купување на Гренланд. Во написот се вели дека дел од неговите помошници ја поддржале идејата, велејќи дека таков чекор може да биде економски искористен.

Гренланд, автономна данска територија, е дом на воздушната база Туле, најсеверната база на американската војска, лоцирана на околу 750 милји над Арктичкиот Круг и е изградена во 1951 година. Таа поседува балистички ракетен систем за рано предупредување кој може да предупредува за приближување на интерконтинентални балистички ракети и достигнува илјадници милји до руската територија.

извор: Makfax