Управата за јавни приходи на сите попови и оџи во земјава на домашна адреса им испрати опомени да го платат персоналниот данок или во спротивно ќе им биде конфискуван имотот со кој располагаат во лична сопственост. Како што дознаваме од извори од Републичката управа за јавни приходи, топ-менаџментот на Управата решил да ги прочешла и поповите, но и нивните колеги од исламската верска заедница-оџите бидејќи постојат реални индиции дека тие добро се “фатираат”, а профитите од нивната дејност никаде не ги пријавуваат. Евидентно е, велат извори од УЈП дека поповите и оџите заработуваат добро за сите слави од светење на вода, на колачот, за разни молитви, крштевки, погреби… Дека добро заработуваат, велат наши извори, говори и податокот дека не е мал бројот на оние кои веќе се возат со исклучително луксузни автомобили, носат најскапи мобилни телефони… Даночниците велат дека наспроти ваквата заработувачка тие не плаќаат персонален данок, бидејќи најголемиот дел токму од тие приходи и не ги пријавуваат и на тој начин фактички затајуваат данок. Пресметките, со опомените, како што дознаваме од официјални извори за тоа кое свештено лице колку должи на име на неплатен персонален данок, деновиве, стигнале на нивни домашни адреси. Реакцијата, велат нашите извори, била повеќе од експлозивна така што дел од свештените лица веднаш се упатиле кај директорката на УЈП. Тие инсистирале да им се простат овие обврски и дека, наводно, така некој и им ветил, но добиле одговор дека ако не ја подмират оваа своја даночна обврска УЈП нема да отстапи и ќе им изврши конфискација на личниот имот за износот што го должат на државата. Од извори од УЈП велат дека против овој потег на даночниците се побуниле само поповите, а во Управата не дошол ниту еден оџа.


Весна М. БОЖИНОВСКА