По поразот во Копенхаген (27:23) во првиот финален натпревар во Лигата на шампионите, Кометал Ѓ.Петров падна и на своето буниште, на реваншот со стариот, а сега и нов европски првак Слагелсе, претрпувајќи пораз од 27:20 (12:6). Така, во третото европско финале Ѓорчепетровки не успеаја по вторпат да ја освојат европската круна во последниве пет години. Победата на дрим-тимот на Ања Андерсен е чиста како солза, меѓутоа боли лесното предавање на Ѓорчепетровки, летаргичната игра, нефункционалноста на целиот состав во сите 60 минути… Без строг критерум, ова беше најслабото издание на Кометал Ѓ.Петров во оваа успешна сезона во ЛШ, што се случи токму кога не требаше. Во “Кале” се беше подредено за шампионско славје, како и во Градскиот парк, каде на голема журка во организација на Мобимак и Скопска Пивара средбата се следеше преку виде-бим. Расположена и распеана публика, веќе виден спортски амбиент, подготвен за славје на шампионската титула. Но, уште од самиот почеток на средбата се виде дека нема ниту трага во нашите редови од онаа гранитна одбрана и перфектна реализација во нападот од средбата со Слагелсе во група кога ги декласиравме (20:12). Данките не разбија од стартот. Едноставно паднавме на психолошки и на тактички план. Данките во одбраната беа како оси, често ги менуваа местата Мелгор, Лофт и Кристенсен, кои не им дадоа на Озел, Цигица, Кастратовиќ и на Бујанова око да затворат. Згора на тоа со нашите непрецизни удари ја разбранивме Норвежанката Сесил Легангер, која правеше чуда. Ова е најтежок пораз на Кометал Ѓ.Петров дома, откако се натпреварува во ЛШ. Сепак, пласманот во финалето не е мал успех, особено кога зад себе ќе оставиш екипи како што се Крим, ХИПО, Лада… Самиот натпревар беше игра на нерви, како ретко кога Ѓорчепетровки за 15 минути постигнаа само еден гол и тоа во 8 минута. Невообичаено за едно финале беше што до 19 минута да има “фудбалски резултат” – 4:4. И, оттука почнува крајот на финалето за Кометал Ѓ.Петров. Зашто данскиот состав предводен од извонредно расположената и прецизна Бојана Поповиќ направи серија од 4:0, поведе со 8:4, потоа и со 12:6 и веќе се гледаше дека пехарот ќе биде во рацете на Слагелсе. Данскиот првак играше како “машина” и до крајот на средбата беше само техника да се одржи оваа разлика. Во овие моменти само Бујанова успеваше да најде “дупка” во бедемот на Слагелсе и да поентира, но тоа беше малку за да се одбегне поразот од 27:20. На крајот солзи во очите на сите наши ракометарки, радост и веселба кај Данките, кои откако го примија победничкиот пехар долго време им отпоздравуваа на нивните навивачи во “Кале”.


Вилизар ПАВЛОВ ФОТО: Ѓ. ЛИЧОВСКИ и В. ПЕРКОВСКИ