После три години власт на СДСМ, вчера за прв пат се земаа примероци од ѓубрето од нафтениот кокс и јагленот кој што се увезува во Република Македонија. Додека јавноста три години гласно протестира и апелира во врска со увезувањето на сомнителен отпад од странските држави, власта предводена од СДСМ никогаш не изврши контрола на тоа што всушност и каков отпад се внесува во државата, посебно во ситуацијата кога Македонија е една од водечките земји во светот во загаденоста на воздухот, изјави пратеникот Драган Данев, од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Три години, Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање беа нем набџудувач на внесувањето на штетен отпад во Република Македонија, а како последица граѓаните секојдневно се гушат и се загрозува нивното здравје.

Исто така, како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ бараме од господинот Талат Џафери денес да ја продолжи 130 – тата седница на Собранието на која се наоѓаат измените на Законот за управување со отпад, кој што е поднесен од коалиционен партнер на СДСМ и за истиот предходно се изјаснија дека ќе го поддржат, а од друга страна пак заменик министерот за животна средина Јани Макрадули во дебатни емисии кажува дека е невозможно да се забрани увоз на отпад.

Бараме и итно разгледување на заклучоците што ги донесовме во Собранието, а очигледно СДСМ бега од дебата на која ќе видиме колку и на кој начин се спроведени овие заклучоци и препораки кои заедно ги донесовме со цел да се дадат насоки до институциите за спречување на аерозагадувањето.

Очигледно СДСМ во пресрет на предизборниот период се обидува да манипулира со оваа болна тема за граѓаните и за општеството, а истовремено и со своите коалициони партнери.

Наместо да има редовни контроли на отпадот што се внесува во Македонија, СДСМ ни приредува ефтин театар манипулирајќи со граѓаните дека нешто работат и преземаат некакви мерки за аерозагадувањето додека реалноста е секој ден се полоша и полоша“ истакна Данев.

извор: Makfax