Далноводот Битола-Лерин е готов
Преносниот оператор МЕПСО наскоро ќе го пушти во употреба високонапонскиот 400 киловолтен далновод Битола – Лерин, кој е долг 30 километри. Од компанијата велат дека далноводот е готов, но во моментов се тестира и се поставува оптичкиот кабел.
-На овој начин ќе се подобри поврзувањето на нашиот електроенергетски систем со тој на јужниот сосед. Изградбата на далноводот, која чини околу шест милиони евра, почна лани во октомври, а инвестицијата е заедничка на МЕПСО и на грчкото електростопанство – вели Слободан Содиќ, портпарол на МЕПСО.
Тој информира дека паралелно со изградбата на овој далновод се гради и 400 киловолтниот кон Бугарија. Од вкупно 193 столба поставени се 70. Неговата изградба треба да заврши до јуни 2008 година, по што ќе почне изградбата на нов далновод кон соседна Србија.
(В.Ма.)