Влегувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал, придружувана од адвокат, отвори дилеми за правните експерти. За „360 Степени“ познавачи на кривичното процесно право велат дека законот не предвидува присуство на полномошник кога се дава исказ во својство на сведок, освен ако не станува збор за жртва или оштетен.

„Со оглед на тоа што јавно достапните информации велат дека Јанева е повикана како сведок, збунува придружбата од адвокат. Присуство на полномошник е дозволено кога лицето е осомничено или ако како сведок е жртва или оштетено. Можеби Јанева смета дека е жртва или оштетена“, коментира експертот што го консултирале.