“Под концесија ќе одат 18 центри за дијализа, како и новите што евентуално ќе ги изградат концесионерите”. Ова е нов дел од концептот “концесионерство” што на Здружението на бубрежно болни граѓани “ЕуроБубрег” завчера им го обелоденил министерот Владо Димов кој им ја покажал и тендерската документација која била во фаза на изготвување. Минатата недела на претставниците на асоцијацијата “Нефрон” тој им ги кажал имињата на компаниите, сите странски, кои биле заинтресирани за концесионерството, како и ветувањата што се ќе се подобри со него.
Меѓутоа, покрај странците за концесионерството на дијализата се заинтресирани и домашни компании. “Ние како “Алкалоид” сме подготвени да инвестираме, односно да се јавиме како концесионери за дијализата. Притоа, во прв ред ги имаме сигурноста на пациентите и нивните стравувања за квалитетот и безбедноста, што како домашна куќа што е реномирана и надвор од земјата можеме и ги гарантираме”, велат во оваа угледна фармацевтска компанија.
Со концесионерството, како што им рекол Димов на “ЕуроБубрег”, конечно ќе се реши проблемот со дијализата во Република Македонија. “Нефрон” пак обелодени дека им било кажано дека за концесионерството биле заинтересирани најреномираните производители на дијализери: “Фрезениус”, “Гамбро”, “Браун”.
Пациентите најмногу стравуваат од тоа дали странците ќе ги почитуваат стандардите и нивните потреби. Ветено е дека лицата на дијализа ќе ги добијат на консултација и разгледување сите елементи од тендерот, особено делот за минималните стандарди што треба идниот концесионер да ги исполни. Мисијата на странците (едни велат Унгарци), кои пред два месеца посетија неколку центри, никој не сака да ја објасни, а во приказната е и “Хемомед” од Србија. Со 12 милиони евра годишно дијализата за околу 1.200 пациенти е една од покрупните расходни ставки во трошоците на Фондот за здравствено осигурување.


Ристе НЕДАНОВСКИ