Земјите од истокот на ЕУ, пред се Полска и Романија, стравуваат од “брегзит” оти од големиот број нивни државјани кои работат во Британија би можело да биде побарано да ја напуштат земјата.

По проширувањето на ЕУ кон истокот на Европа, Велика Британија беше една од првите земји кои го отворија својот Пазар на труд за работниците од новите земји членки, што е една од причините зошто во текот на изминатите години токму од тие земји во Британија заминаа бројни научници и експерти.

Во 2014 година, нето бројот на доселеници во Британија, односно бројот на доселени намален за бројот на иселени, достигна 330 илјади, а повеќе се дојденци од Полска.

Во Велика Британија во моментов живеат еден милион Полјаци, а од Бугарија и Романија доселени се уште 200 илјади луѓе. Не е јасно дали по можниот “брегзит” на државјаните од земјите на ЕУ ќе им биде дозволено без проблеми да се населуваат во оваа островска земја.

-Загрижени сме дека “брегзит” би можел да доведе до ограничување на правата на работниците од Полска. Можеби од некои од нив ќе биде побарано да ја напуштат земјата, вели Дариуш Росати, член на Европскиот парламент и поранешен полски шеф на дипломатијата и истакнува дека во Лондон веќе можат да се слушнат сигнали дека тоа ќе биде токму така.

Пратеникот во Европскиот парламент од Бугарија Андреј Ковачев тврди дека работниците и студентите од земјите од ЕУ кои во моментов се во Велика Британија немаат од што да стравуваат.

За оние кои допрва сакаат да заминат за Британија работите стојат поинаку, што е особено лоша вест за Грците оти се повеќе граѓани од оваа од криза погодена држава бараат работа во Велика Британија. Најмалку 41 илјада Грци се иселиле од избивањето на кризата во 2010 година. Освен тоа, Британија е омилена држава за студирање за младите од грчката средна класа, пишува “Дојче веле”.

Инаку, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека ЕУ мора да го спречи прекинот на интеграциите доколку на претстојниот референдум победи опцијата за “брегзит”.