Додека јавноста упорно очекува да види како ќе изгледа Законт за финансиска поддршка на граѓаните со низок доход, но и за пензионерите, социјалците и самохраните родители, за кој власта вели дека е испратен во собраниска процедури, но барем до вчера вечерта не можеше да се најде на сајтот на Собранието, се појавија и првите реакции кај дел од оние кои ја очекуваат помошта, или конкретно, кај пензионерите.

Имено, дел од нив тврдат дека нивните пензии се досега биле на износ од нешто под 15 илјади денари, со што го исполнувале условот да добијат државна парична помош од 6.000 денари, но со последно исплатената пензија за октомври дошле до многу непријатен податок, а тоа е дека пензијата за малку им ја надминала сумата од 15.000 денари. На овој начин тие стравуваат дека повеќе не го исполнуваат условот да ја добијат помошта од власта од околу 100 евра, која треба да им помогне да ја надминат економската криза предизвикана од ковид пандемијата.

„Се досега мојата пензија изнесуваше точно 14.950 денари, но со исплатата за последниот месец гледам дека ми ја зголемиле пензијата за 80 денари, или точно на 15.029 денари. Тоа ми го кажа една поранешна колешка, дека и нејзе истото и се случило, па отидов и јас да проверам, и таму доживеав студен туш. Гледам дека пензијата ми ја зголемиле за 80 денари, што значи дека јас повеќе не го исполнувам условот да добијам државна помош од 6.000 денари која ќе им следува на пензионерите. Ова го кажувам за да си го проверат и други пензионери. Инаку, многу сум разочарана. Толку ги очекував тие пари, ќе ми значеа многу на буџетот. И прашањето ми е, ако е ова некакво порамнување, зошто баш сега се случува“; праша револтирано една пензионерка во своето јавување во утринската емисија на Канал 5 телевизија.

Вакви реакци има и од други пензионери, кои стравуваат дека ова е можеби, според нив, некаков обид на власта да го намали бројот на корисници на пензија кои треба да ја добијат државната помош од четвртиот сет економски мерки.

Фактор праша во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување зошто на дел од пензионерите им се зголемени за последниот месец октомвриските пензии, и дали тоа е со цел да се намали бројот на пензионери кои треба да добијат државна помош, но и на колкав број пензионери за месец октомври пензиите им беа зголемени од под 15 илјади денари, на над 15.000 денари.

Новата директорка на Фондот, Билјана Јовановска, за Фактор категорично тврди дека не се правени никаки тенденциозни промени или било какви манипулации со износите на пензиите. Јовановска вели дека последното законско усогласување на износот на пензиите е направено во јули годинава, и тоа важи и за пензиите за август, септември и за октомври.

„Категорично тврдам дека не се правени никакви манипулации со износот на пензиите, а во врска со Законот за финансиска поддршка. Единствено во јули е направено усогласување на пензиите согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Оттогаш наваму сите пензии се исплатуваат во идентичен износ, и за августи, и за септември и за октомври“, вели Јовановска за Фактор.

Повеќе на Фактор