КОМИСИЈАТА ЗА 24 ДЕКЕМВРИ РАБОТИ ТУРБО

На одделни средби со членовите делегирани од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, претседателот во оставка Борче Давитковски и вчера ги усогласуваше ставовите за расчистувањето на собраниските настани од 24 декември. Најпрво со Рената Десковска-Треневска и Љубомир Фрчковски од СДСМ, а по час и половина со Илија Димовски и Благородна Дулиќ од ВМРО-ДПМНЕ, Давитковски во присуство на странскиот набљудувач на Комисијата Петер Ванхаусен вчера препозна зрак светлина дека работата до петок ќе биде завршена.
– Се уште сум оптимист и мислам дека сме многу близу да најдеме заедничко решение и евентуално в петок сите заеднички да го потпишеме извештајот, изјави Борче Давитковски по одвоените средби со членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Без да открива детали од средбите, претседателот во оставка информираше дека денес Комисијата најверојатно ќе продолжи со работа во комплетен состав, за во петок извештајот да биде потпишан.

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се договорија деновиве да се вложат последни напори за откочување на работата на Комисијата и донесување конечно решение околу Извештајот, како последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на земјава.(Ј.Ц.)

Иванов: Да се расчисти 24 декември – државата не смее да биде жртва на партиски интереси
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, внимателно ја следи и редовно е информиран за текот на работата на ад хок Комисијата за расветлување на настаните пред и на 24 декември 2012 година, информираат од неговиот кабинет.

Иванов не го крие задоволството што власта и опозицијата уште еднаш покажаа посветеност и доблест да седнат на заедничка маса, и покажаа волја за дијалог и за изнаоѓање на заедничко решение.
– Настаните пред и на 24 декември, во и надвор од Собранието, мора да бидат разјаснети, и вакви настани и сценарија повеќе не смеат да се повторуваат. Пред се, затоа што интересите на државата во ниеден случај не смеат да бидат жртва на теснопартиските интереси и дневната политика, особено не на интересите на поединци и затоа што тоа го заслужуваат и го очекуваат граѓаните на Република Македонија од сите нас. Конечно, затоа што е потребно да се дадат сите домашни аргументи во полза на европската интеграција на Република Македонија, оценува претседателот Иванов.

Македонскиот претседател уште еднаш порачува дека обврска на сите политички партии е оваа ситуација да биде надмината, да бидат усвоени и спроведени препораките на Комисијата и политичкиот дијалог да се одвива во рамки на државните институции.