Летонскиот тенисер Ернест Гулбис потекнува од спортско семејство, неговиот дедо беше европски шампион во кошарка со СССР, неговиот татко исто така беше кошаркар, а подоцна стана успешен бизнисмен, еден од најбогатите во Летонија. Спортски ген го наследи и Гулбис, кој долго време важи за голем талент во тенисот, но неговата љубов кон забавите и ноќниот живот се посилни. Крстен е по писателот Ернест Хемингвеј, а познат е како голем шегаџија.

-Моите родители читаат книги како луди. Двајцата го сакаат Хемингвеј и по него ме имаат крстено. Јас не го сакам тенисот, бидејќи мразам да патувам и не ми оди во прилог вниманието од медиумите и константниот притисок. Но, помислив што друго би работел. Размислував да одам на факултет или да не работам ништо и да седам дома. Да размислувам како да заработам пари или само да ги трошам парите на моите родители. Сепак, повеќе сакам да играм тенис, вели Гулбис.
Летонецот додаде и дека славата и парите никогаш не го интересирале и не претставувале мотивација за него да напредува во тенисот.
-Пораснав во богато семејство и за мене беше нормално да имам пари, додека другите тенисери се обидуваат да ги заработат . За мене е многу важно да си докажам дека можам да бидам на врвот. Парите и славата не ме интересираат, додаде Гулбис.