Преговорите околу определувањето на морската граница меѓу Албанија и Грција во водите на Јонско Море се привремено „замрзнати”. Причина за тоа е несогласувањето на албанскиот претседател Илир Мета, да се брза со тоа прашање, како и со долгиот процес на Преспанскиот договор, повикувајќи се на албанските медиуми, пренесе грчкиот дневен весник „Катимерини”.

Според весникот, острите внатрешни реакции и долгиот процес на Преспанскиот договор, од една и различните ставови на албанскиот премиер Еди Рама и претседателот Мета, на друга страна, влијаеле на последната политичка одлука на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, да го одложи потпишувањето и ратификацијата на договорот со Албанија.

„Договорот е привремено заклучен во фиока, односно до јануари 2019 година, кога се очекува ратификација на договорот со Македонија во грчкиот Парламент, без целосно да се прекине работата на преговарачкиот тим во целина. Покрај политичкиот аспект на ова прашање, преговорите се многу деликатна тема, особено за албанската страна, бидејќи претседателот Илир Мета не брза да го заокружи ова прашање, додека премиерот Еди Рама е за усвојување на договорот што побрзо”, наведува весникот.

Се додава дека во агендата на албанската страна, се уште останува отворено прашањето на Чамите, кое за грчката страна не постои, но оти некои прашања веќе добиле завршница, како што е признавањето на албанските возачки дозволи во Грција, идентификување и враќањето на посмртните останки на грчките војници, додека останува да се завршат преговорите околу укинување на грчкиот закон за воена состојба.

Како што јави МИА, и двете страни, грчката и албанската, до пред најмалку две недели тврдеа дека е финализиран текстот на договорот и оти истиот требаше да биде потпишан последните денови од јуни. Со договорот Албанија треба да ѝ отстапи на Грција 12 милји од Јонско Море, ексклузивна економска зона, богата со нафта и гас, на што остро се спротувтавува опозицијата. Мета кој треба да стави параф на договорот изјави дека ќе делува според неговите уставни надлежности.