Грујевски и Бошковски се фатени во група со уште четворица други, со лажни, бугарски пасоши. Од шестмината, само Грујевски и Бошковски се барале со меѓународна потерница, и со нив се занимава грчкото разузнавање.

Иако се уште нема официјална потврда од МВР, двајцата денеска се пред истражен судија.

Процедурата и целата постапка за екстрадиција би можела да трае од 3 до 8 месеци.

Грујевски и Никола Бошковски, обајцата бивши началници во Петтата управа, од 18 јули не се достапни.

Одлуката за притвор Апелациониот суд во Скопје ја донесе на 18 јули, но тие останаа на слобода чекајќи го изјаснувањето на врховните судии. Оттаму информацијата дека треба да одат во притвор беше позната во јавноста на 26 јули околу 14 часот, а Врховен официјално преку соопштение ја потврди еден час подоцна. Процедурата потребна за решенијата, односно налозите за апсење да пристигнат од судот до МВР траеше околу седум часа, што според познавачите, е повеќе од доволно за засегнатите да се пуштат во бегство.

Биле барани на шест-седум локации за кои МВР се сомневала дека таму може да ги пронајде, но не биле најдени. Исто така, не можеле да ги лоцираат ниту преку мобилните телефони бидејќи наводно ги „заборавиле” дома.

На четвртиот ден од бегството МВР објави потерници.

Двоен идентитет

Во меѓувреме, беше откриено и дека Грујевски имал двоен идентитет и друг пасош на име Владимир Варелов, негов сограѓанин од Велес кој е вработен во ЕБР.

Директорот на УБК Горан Николовски во интервју за Телма рече дека истрагата ќе покаже како тој добил двоен идентитет. Според него, најверојатно се злоупотребени правилата за заштита на заштитени сведоци.

-Според законската реглатива, тоа е во делот на заштита на заштитените сведоци. Двојни идентитети постојат и тие се регулирани законски. Што се однесува до УБК можам да потврдам дека ние немаме пракса на двоен идентитет, бидејќи нашата работа е внатре на територијата на РМ и ние немаме потреба од двоен идентитет за нашите вработени. Веројатно се злоупотребени правилата за заштта на заштитените ведоци, рече Николовски.

Грујевски и Бошковски се обвинети во случаите „Таргет” и „Тврдина” на Специјалното јавно обвинителство кои се однесуваат на злоупотребата на системите за прислушкување на УБК и на уништувањето на опремата. Бошковски е вработен во Управата, а Грујевски беше началник на петтата управа во УБК.