Македонија е земја со најниски даноци во светот. Угледниот магазин Бизнис Инсајдер врз основа на релевантните податоци на Светскиот економски форум ја рангираше земјава на првото место на планетата според најниски даноци со просечна даночна стапка од 7.4 проценти што ја прави државата лидер на глобално ниво и единствената држава во Светот со просек под 10 проценти.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски рангирање на Македонија како земја со најниски даноци ќе има позитивно влијание во креирањето на поволната бизнис клима, а тоа практично значи дека државата најмалку зафаќа од граѓаните и компаниите преку наплатата на ефективен данок. Тоа овозможува повеќе пари кои остануваат за стопанството и граѓаните.

-Нашата определба е воспоставување на најниски даноци за развој на економијата и зголемување на инвестициите што ќе значат пак отворање на нови работни места. Затоа воведовме најнизок рамен данок во Европа од 10 проценти, ослободување на фирмите од обврската за плаќање данок на нераспределената добивка, го задржавме данокот на добивка од 0 проценти ако се реинвестира добивката, ги намаливме стапките за придонеси за пензиско и за здравствено осигурување. Се укина односно на 0 проценти се сведе данокот на добивка за микро и мали бизниси со приход до 3 милиони денари, воведовме право на избор на моделот на оданочување, а во периодот 2006-2015 извршено е намалување на стапката на ДДВ од 18 проценти на 5 проценти на повеќе категории на производи и услуги. Значително се намалија и царините. Ваквата комбинација на мерки придонесе Македонија да е во врвот на извештаите на економските институции- вели Груевски.

Тој посочува дека Македонија според добрата бизнис клима во најновиот извештај на Дуинг бизнис 2016 на Светска банка е рангирана на 12. место меѓу 189 земји во светот што е скок од 82 места во однос на 2006 година кога државата беше рангирана на 94. место, а во европски рамки е на 6. место и е подобро рангирана од 24 земји членки на ЕУ.

Според него токму извештајот на „Бизнис инсајдер” е добра информација за државата со која инвеститорите ќе бидат поттикнати, како што рече, да ги погледнат и другите предности и бенефиции кои ги дава Македонија.

Најважно, како што рече, е што во изминатите години политиката на ниски и рамни даноци дала одлични резултати на најважните економски полиња, што резултирало со 150.000 нови работни места и невработеност на рекордно ниско ниво.

-И она што е најважно ниските даноци ни овозможија развој и секоја година сме во група на земји со највисок раст на БДП. Ни овозможија многу домашни и странски инвестиции со кои се отворија 150 илјади работни места повеќе отколку во 2006-тата, а невработеноста од 38 падна на 24,6 отсто. Од земја каде не се сеќаваше никој на нова фабрика, на гринфилд инвестиција, станавме земја каде речиси секоја недела имаме нешто ново на тој план. Се зголеми извозот од 1,9 милијарда евра во 2006тата на 4 милијарди евра во 2015-тата. Се намали сивата економија и затајувањата данок. Приливите во буџетот драстично пораснаа, па низ годините опозицијата постојано не критикуваше дека секоја година буџетот расте, заборавајќи при тоа дека расте ама со воведени најниски даноци на планетата. Во Македонија е најнеисплатливо да се ризикува со затајување данок, бидејќи е многу низок – потенцираше Груевски во интервју во дневникот на ТВ Сител.

Тој додава дека споредено со времето од пред десетина години, државниот долг е горе долу ист.

-На крајот на 2005-та долгот беше 36.7 отсто од БДП, следеа намалување на даноците, на крајот од 2015та е 38 отсто. Во еден период пред да започне светската глобална криза (2007-ма и 2008-ма), а по неа и европската должничка криза(2010-2013-та), вишоците, суфицитите во буџетот ги користевме за предвремено раздолжување кон меѓународните кредитори, па така државниот долг го намаливме на 23 отсто, а за време на светската и европската финансиска криза, кога се намалија нарачките на нашите фирми, кога се намали извозот и странските инвестиции, заради екстерни фактори, свесно водевме политика на поголемо задолжување заради инвестиции во капитални проекти (патишта, железници, енергетски објекти и сл.), што меѓу другото помогна за создавање работа на илјадници компании во Македонија, и поминување низ овие две кризи со најмали последици споредено со другите европски земји, во смисла дека во овој период ниту еднаш не се зголеми невработеноста и таа постојано опаѓаше, а стапките на раст беа најчесто помеѓу највисоките три или пет во Европа. Оттука, можам да кажам дека ниските даноци воопшто не влијаеја на задолжувањето -вели Груевски.

Тој рамниот и низок данок го препорачувам на секоја држава, бидејќи тоа значи помало зафаќање од државата од приватниот сектор.

-Приватниот сектор секогаш поквалитетно ќе ги искористи парите отколку државата ало останат кај него, не само во своја корист, туку и во правец на повисок економски раст и развој, поголем извоз и многу повеќе нови работни места. Демотивиран е да затајува данок особено ако како кај нас се преземат и дополнителни мерки против затајување данок, и конечно ниските и рамни даноци се магнет за инвеститорите – смета Груевски.

Ваквите меѓународни извештаи, вклучително и последното рангирање на Бизнис Инсајдер, според Груевски, е одличен показател за сите потенцијални инвеститори и пред се верификација на напорите за економски развој и напорите за отворање на нови работни места.

Груевски најави три нови странски инвестиции

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најави три нови инвестиции, од кои една е во автомобилската индустрија.

– Се работи за голема компанија која веќе инвестираше во Македонија. Таа донесе интерна одлука, очекуваме да се објави на крајот на април или во мај за втор капацитет во Македонија. Во почеток, во првите две до три години, тој ќе отвори нови 400 работни места. Подоцна може да оди со 800, 900, па дури и со 1.000 работни места, рече Груевски во гостувањето на ТВ Сител.

Рече дека за просторот на поранешниот ЕМО се заинтересирани најмалку три компании од различни индустрии и од различни држави.

– Во длабоки преговори сме со нив и се надевам дека во наредните неколку месеци ќе дојде до реализација на инвестиција во просториите на ЕМО. Исто така, има една софтверска компанија која е пред објавување на својата одлука за инвестирање во Македонија за создавање софтвери, за почеток 200 вработувања, главно, на ИТ-инженери, а подоцна можеби и дуплирање или повеќе на својот капацитет. Има и многу други, но се додека тие самите не објават, ние тоа не го правиме, додаде Груевски.

Нов инвеститор за рудниците Тораница и Злетово,работа за 900 луѓе

Рудниците Тораница и Злетово кои се во стечај ќе добијат нов инвеститор, а околу 900 рудари кои останаа без работа повторно ќе работат. Пред неколку дена заврши јавната електронска лицитација за нов инвеститор и победник е компанија од Бугарија која планира да ги врати сите 900 луѓе на работа постепено во наредните месеци откако ќе ја добие дозволата и концесијата.

– Тоа ќе значи повторно вработување за 900 луѓе, 900 семејства повторно ќе имаат сигурност, истакна Груевски, додавајќи дека новиот инвеститор не само што ќе ги рестартира рудниците и ќе ги врати рударите на работа, туку и ќе ги подобри условите за работа.

Новите 40 проекти се од корист и им помагаат на младите луѓе

Одлична е реакцијата на младите за 40-ината мерки кои ги понудивме, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во дневникот на ТВ Сител.

– Некои почнавме да ги имплементираме, како бесплатниот превоз за студентите, средношколската среда, но најголем дел ги нудиме како дел од нашата нова Програма во која освен овие 40 ќе има и други мерки за младите. Тие наидоа на одличен одѕив и тоа мене ме радува. Направивме силен фокус на младите, затоа што сметаме дека треба да се направи и дека ќе даде добри резултати за нив, за нивниот квалитет на живот, за нивната иднина- рече Груевски.

Додаде дека мерките за младите освен што ќе им помогнат ним, ќе им помогнат и на другите луѓе, на градежниот сектор, затоа што речиси половина од проектите се поврзани со градежни зафати.

-Околу 40 милиони евра треба да се инвестираат во наредните три-четири години за да се спроведат овие проекти, што значи 40 милиони евра живи средства ќе влезат во економијата, додаде Груевски.

(В.Ма.)