ЕВРОКОМЕСАРОТ ИМ ИСПРАТИ ПИСМО НА ГРУЕВСКИ И ЦРВЕНКОВСКИ – БАРА ДА СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ВО СКОПЈЕ

Свесни сме каков ризик се отвора за можноста во контекст на македонската европска агенда, поради потешкотиите за надминување на политичките предизвици произлезени од настаните на 24 декември и деструктивното однесување на опозицијата, му одговорил премиерот Никола Груевски на писмото на еврокомесарот Штефан Филе. Владиниот портпаролот Александар Ѓорѓиев во пишаната изјава до медиумите потврди дека Груевски експресно му одговорил на Филе. Груевски го потсетил еврокомесарот дека во изминатиот период властите понудиле многу опции и излезни решенија за кои и самиот Филе е свесен, и дека од нивна страна е даден максимум за надминување на оваа ситуација. Премиерот жали што и наспроти таа отвореност, подготвеност за дијалог и компромис, наишол на несериозен и нерационален пристап од другата страна. – Во одговорот, премиерот Груевски изрази благодарност за континуираната поддршка која еврокомесарот Филе ја дава на Република Македонија и на реформскиот процес на кој сите ние заеднички работиме, и за заедничкиот напор којшто во изминатите неколку години ја повлече напред нашата земја создавајќи прогрес кој ја отвори можноста понудена од Европскиот совет на декемврискиот самит во 2012 година. Премиерот наведе и дека иако многумина сметаат дека сите идеи и можности се веќе исцрпени и сега се повторуваат како стари позиции во понуди како да се нови, сепак ние остануваме одговорни, отворени и посветени за продолжување на делувањето согласно јавно искажаните принципи и за евентуални конкретни предлози од кого било, вклучувајќи конкретни предлози и од страна на Филе, се вели во пишаната изјава на Ѓорѓиев.

Во контекст за соработката и дијалогот со медиумите, премиерот Груевски во писмото истакнал дека и покрај досегашниот прогрес, нема да престанат напорите за унапредување на состојбите на ова поле. Груевски во писмото до Филе, подвлекува и дека во следниот период преку надлежните служби до еврокомесарот ќе биде испратен преглед на досегашниот напредок во контекст на Високиот пристапен дијалог и развојот на добрососедските односи.
Одговорот на Груевски следеше откако еврокомесарот за проширување Штефан Филе вчера испрати писмо до него и до лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во кое изразил длабока загриженост за недостатокот од прогрес во ставањето на крај на политичкиот застој во земјата побара да се најде решение во Скопје.
– Тој ги повика двајцата лидери да продолжат со напорите за наоѓање на решение за сегашната криза, врз основа на политички дијалог и компромис и ги повика брзо да стигнат до компромис за да се врати земјата на евроатлантскиот пат, на кој во моментов има пречка, изјави во Брисел портпаролот на Филе, Петер Стано.

Стано додаде и уште една порака од Филе што не се наоѓа во писмото до Груевски и Црвенковски – дека Унијата и Комисијата не се откажуваат од Македонија.
– Филе мисли дека е важно да се истакне следната работа, а тоа е дека најважно е дека ние, ЕК и ЕУ, стоиме на страната на македонскиот народ, зад луѓето од оваа земја и не смее да има сомнеж во тоа. Ние сме подготвени да се ангажираме во изнаоѓање на политичко решение, заедно со засегнатите страни, што би било добро за земјата, покажувајќи подготвеност од нив да се ангажираат, што во моментов не е случај, оти не гледаме волја на двете страни. Многу е важно, Филе подвлекува, дека ние не се откажуваме од БЈР Македонија! Тој е подготвен да отпатува таму во секое време кога вистинските услови за негова посета ќе бидат креирани од страна на политичарите во земјата, рече Стано

Прашан дали има конкретен предлог од Филе за решавање на кризата, со оглед на тоа што измина рокот за учество на партијата на Црвенковски на локалните избори и дали предлага одложување на истите, Стано го потенцира делот од писмото на Филе до Груевски и Црвенковски дека “решение мора да се најде во Скопје”! (В.С.)

ШТЕФАН ФИЛЕ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА АВСТРИСКИОТ ВЕСНИК “КЛАЈНЕ ЦАЈТУНГ”
Македонија може да ги почне преговорите кон средината на годинава

Македонија има шанси кон средината на оваа година да го отпочне процесот на интеграција во Европската унија, вели еврокомесарот за проширување и соседска политика Штефан Филе во интервју за австрискиот весник Клајне Цајтунг” кое го пренесуваат грчките медиуми. Сепак, Филе потсетува дека, дали Македонија и Србија ќе добијат датум за преговори “зависи од земјите-членки”. Филе тврди и дека во Унијата “нема замор од нови интегрирања” и иако вниманието сега е фокусирано на решавање на финансиската и должничката криза во Европа, еврокомесарот не верува дека процесот на проширување е проблем, туку напротив, смета дека секогаш е дел од решението.
– Двата главни столба на ЕУ, кои се движечка сила уште од нејзиното основање, се проширувањето и продлабочувањето на интеграцијата кои се поттик за Унијата и нејзините граѓани, вели Филе во интервјуто за австрискиот весник.
Еврокомесарот за проширување информира и за текот на преговорите за пристапување на Турција, Исланд и Црна Гора. Според него, исклучително важно” е да продолжат преговорите за пристапување со Турција. Ирското претседателство во ЕУ би можело да биде пресвртна точка и Анкара треба да се охрабри во напорите за спроведување на реформите, оценува Штефан Филе. Еврокомесарот смета дека Хрватска ги задоволува условите и заедницата на држави што го потпишале договорот за пристапување треба да обезбедат забрзување на процесот на ратификација, така што земјата на 1 јули ќе може да се приклучи како членка на ЕУ. Во врска со иднината на Западен Балкан во ЕУ, Филе посочува дека земјите мора да се развиваат во согласност со условите за членство и процесот на пристапување не е чиста бирократија, туку фокусот е земјите навистина да бидат целосно подготвени за влез во Унијата. (В.С.)

Звер: Опозицијата ја продлабочува кризата
– Последните случувања, како што е одлуката за бојкотирање на локалните избори, покажуваат дека опозицијата одлучила дополнително да ја продлабочи кризата во државата и тоа оние што се спротивставуваат на македонското приклучување кон ЕУ брзо ќе го искористат и ќе се обидат да ја прикажат целата држава како незрела за напредување. Тоа значи дека на Македонија ќе и биде потешко да добие статус на земја која преговара за влез во Унијата и со тоа ќе продолжи оваа агонија на земјата што, иако заслужува, години наназад не го добива таквиот статус, вели д-р Звер.
Според членот на Европарламентот од групата на Европските народни партии (ЕПП), актуелната економска криза во целиот регион и во Европа предизвикува многу проблеми и во вакви ситуации луѓето треба да се заедно и да работат на тоа економијата и државата да одат напред, со цел да се избегне полоша ситуација.
– Во ваква ситуација, сите треба да работат за својата држава, да бидат максимално конструктивни, а не да создаваат дополнителни проблеми со своето деструктивно однесување – дополнува словенечкиот европратеник.
Најновата порака од Словенецот Звер следи по силните осуди за делувањето на СДСМ што деновиве дојдоа од претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП Елмар Брок, од известувачот за Република Македонија од европскиот законодавен дом Ричард Ховит, како и од пратениците Едвард Кукан, Моника Маковеј, Туне Келам и Дорис Пак.