КОМИСИЈАТА ЗА 24.12. – ПОТПИС ДЕНЕСКА?!

До доцна синоќа траеја разговорите за надминување на спорните прашања кои го доведоа во прашање извештајот за расветлување на собраниските настани на 24 декември.
– Се надевам дека СДСМ ќе изнајде начин и сила да се фокусира на решение кое не е наш или нивни проблем, туку проблем на Република Македонија и на сите граѓани, истакна премиерот Никола Груевски по посетата на струшкото село Бороец.

Тој потенцираше дека влогот за државата е голем и треба барем за неколку дена фокусот да биде на решавање на проблемот, а не на игри, манипулации и сплетки со медиуми и портали кои се под контрола на СДСМ,
– ВМРО-ДПМНЕ цело време е фокусирана и посветена дијалогот да успее, а од друга страна гледаме дека СДСМ повеќе е фокусиран на порталите што ги контролира и на тоа да пуштаат некои сплетки, манипулации, а помалку се фокусирани на решавање на проблемот, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање за коментарите на некои портали дека Комисијата за решавање на настаните од 24 декември ќе доживее крах.

Средбата меѓу членовите на Комисијата заедно со претседателот Борче Давитковски и странскиот набљудувач Петар Ванхаусен започна вчера утрото, а по неколкучасовна работа во текот на денот составот се прошири, кога во Клубот на пратеници пристигнаа шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер, и заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска. Попладнето, членовите на ад хок комисијата си дадоа пауза од неколку часа, за како што информираа, понатамошни внатрепартиски консултации. За време на паузата, претседателот Борче Давитковски изјави дека прават се за работата да биде завршена до рокот кој во понеделникот го договорија Груевски и Заев.
– Сите сценарија се можни. Јас се уште се надевам дека успешно ќе ја завршиме работата. Има поместувања во позициите на двете страни, изјави Давитковски прашан дали е можен дебакл во работата на комисијата.

Извори од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на новата рунда разговори попладнето информираа дека партијата цврсто е подготвена да стори се за да се дојде до решение, а доказ за тоа се и стотината забелешки и предлози кои ги дал СДСМ, кои ќе станат дел од извештајот, а кои биле прифатени од владејачката партија.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со силната волја да се приближат ставовите и да се елиминираат обидите да се иницира атмосфера на меѓусебни обвинувања кои се штетни за целиот процес, информираа од партијата непосредно пред затворањето на весникот.
Извори за Вечер брифираат дека во текот на вчерашниот ден камен на сопнување во разговорите биле прекршувањето на Уставот и кривичната одговорност за настаните од 24 декември.(Ј.Ц.)