Становите што ги продава Акционерското друштво за стопанисување и изградба на станбен и деловен простор во државна сопственост, се поевтини од другите станови што ги градат приватни фирми бидејќи имаат најниска маржа, додека давачките за останатите трошоци што ја формираат цената на станбениот квадрат, се исти. Вака реагираше директорот на ова државно АД, Цветко Грозданов на тврдењата на одредени приватни градежни фирми дека државното акционерско друштво при утврдување на цената нема исти давачки, односно не плаќа ништо.
-Становите што ги продаваме во Реонски центар Аеродром за кои може да се аплицира да се купат преку проектот Купи куќа-купи станн со почетна цена од 795 евра за квадратен метар (без 5% ДДВ), се меѓу најниските цени на пазарот, но и покрај тоа ние остваруваме заработувачка која е минимална и која потоа ја реинвестираме во изградба на социјални станови – рече Грозданов кој истакна дека во Реонски центар Аеродром 10% од помалите станови ги отстапуваат на децата без родители

Со ваквите ниски цени, Грозданов смета дека се прави баланс на пазарот за да не дојде до нејзино вештачко зголемување.
– Најголем удел во формирањето на висината на цената имаат трошоците за градбата, па цената на градежното земјиште, комуналиите и потоа сите други трошоци. Приватните фирми одат со многу повисока заработувачка и многу поголема маржа. Нашите трошоци за комунално уредување за седумте згради со станови во Реонски центар Аеродром не чинат 151.750.494 денари и тој износ го плаќаат и јавниот и приватниот сектор – вели Грозданов.

Од неделата до сега над 200 граѓани се интересирале за становите во Реонски центар Аеродром каде веќе се продадени 60% од становите. Продадени се и 60% од становите што ги гради државното претпријатие кај Радиобран, но тие се по цена од 1.100 евра за квадрат со задолжително купување на гаражен простор од 3.000 до 4.000 евра. Грозданов вели дека потешко им оди продажбата на становите во внатрешноста. Таму цените по квадратен метар се движат од 500 до 700 евра. Поради се помалиот интерес за становите во Охрид планираат намалување на цената за околу 50 евра. Најевтини се становите во Битола, Струмица и во Прилеп. Грозданов од есен најавува изградба на 160 станови кај Леснина во населба Аеродром, потоа во Карпош кај градежниот институт, како и зграда со 320 социјални станови во Бутел, Демир Хисар, Прилеп, Ресен и Гостивар.

(С.Бл.)