Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, беше многу тежок преговарач, изјави специјалниот советник на американскиот претседател Ричард Гренел.

– Тој навистина се бори за својот српски народ, рече Гренел, во врска со впечатоците од средбите во Белата куќа, чиј исход беше договор за нормализирање на економските односи меѓу Белград и Приштина.

Гренел исто така потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп има намера да ја посети Србија, што би било првпат по посетата на Џими Картер.

Сега треба да работиме на наоѓање датум што би одговарал и на Белата куќа и на Советот за национална безбедност, кои исто така би биле вклучени во организирањето на посетата, рече Гренел.

Во врска со претстојното отворање на канцеларијата на Американскиот фонд за развој во Белград, прва и единствена во регионот, што српското радио го смета за индикатор за лидерството на Србија во регионот и прашува што значи тоа, Гренел посочува: „Како прво, Србија има одлична економија“.

Тој вели дека веќе има голем број на проекти на кои се работи, а тој обем на работа е, посочува, причината за отворање на канцеларијата.

Ние се обидуваме да не се занимаваме со политичка симболика, со која се справуваат многу политичари … Нашата канцеларија и агенција на ДФЦ во Америка сметаа дека има доволно работа, каде што би можеле да имаме тим на теренот што ќе може да заврши сè. Ова се економски водени проекти што сакаме да ги постигнеме, затоа отвораме канцеларија во Белград. Не поради симболиката, туку за да одговориме на големиот број на проекти што веќе ги имаме, рече Гренел.

Тој вели дека претседателот Трамп од самиот почеток сметал дека економијата и отворањето нови работни места е нешто што може да го направи добро.

Тој ми рече дека му се чинело дека ако се фокусираме на создавање работни места и инвестиции на европски и американски компании, тоа ќе им даде на младите верба во иднината, па можеби политичките проблеми ќе бидат полесно да се решат сами. Претседателот има многу длабоко чувство дека концентрирањето на чисто политички прашања, во последните 20 години, очигледно не помогна. И најдоброто нешто што може да го стори во моментов е да се концентрира на создавање нови работни места. И тоа е она што го сторивме, рече Гренел.