Ниту една недела не беше доволна за надлежните да го санираат дефектот кој настана по пожарот во Инспекторатот за животна средина, во зградата со повеќе институции. На спротивната страна од истата зграда – Управата за водење на матични книги се уште е блокирана во работата. Струја нема, а со тоа е закочен и целиот процес кој се води компјутерски. Граѓаните секојдневно се соочуваат со проблем поради тоа што не можат да извадат ниту еден документ, а сето тоа придонесува за тензија која од ден во ден се повеќе расте.

Скопјани не можат да извадат ниту еден документ – било да е тоа од матичната книга на родени, венчани или умрени. Во зградата нема струја од минатата среда. Пожарот во просториите на Инспекторатот за животна средина освен проблем со струјата, не предизвикал никаква друга штета на просториите на Управата.

Секојдневно граѓаните доаѓаат за да завршат работа и да ги извадат потребни документи, но дел од нив не се информирани дека токму тука нема струја и институцијата не работи, што придонесува за огромни колони и незадоволство, а некои од граѓаните и си заминуваат разочарани од работата на надлежните.

Во Управата за водење на матични книги успеале да се снајдат за изводите кои пред пожарот биле готови, па задолжен е човек од 10 до 12 часот да им ги предава на граѓаните. Сè тоа што после пожарот е поднесено е необработено. И додека во оваа институцијата ситуацијата сè уште е статус кво, други институции се снаоѓаат со агрегат за струја по пожарот пред една недела.