Македонските граѓани најмногу се загрижени од бавната стапка на економски развој во земјата и од невработеноста, покажува најновата анкета што ја спроведе Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во периодот од 15 до 21 декември минатата година. Невработеноста како најважен проблем во Македонија ја посочиле 51 отсто од испитаниците, а 25 отсто како главна грижа ги навеле економските проблеми. Најголемиот дел од анкетираните, 94 отсто, сметаат дека странските инвестиции се клучен елемент во обезбедување на иден економски развој на Македонија, додека 13 проценти рекле дека економската состојба во нивните семејства е подобрена во изминатите три до четири години. Дека Македонија се движи во вистинска насока одговориле 18 проценти од анкетираните, за разлика од 46 отсто кои мислат дека земјата се движи во погрешна насока. Речиси девет од десет жители на Македонија гледаат на поблиските односи со ЕУ и со САД како на важно надворешно политичко прашање, така што поддршката за влез во ЕУ и НАТО изнесува 97 отсто. Поддршката за членство во НАТО, заостанува зад поддршката за членството во ЕУ и во моментов изнесува 88 отсто. Во соопштението од Американската амбасада во Скопје во кое се презентираат резултатите од истражувањето, се вели дека ИРИ ги користи анкетите на јавното мислење за да им помогне на политичките партии во посочување на прашањата и во застапувањето, изготвувањето на пораките и комуникација со гласачите. Со истражувањето, кое го финансираше Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), биле опфатени 1.108 возрасни граѓани кои одговарале на прашањето што им е најважно.